Судскиот совет ѝ одговорил на претставката на оштетената Наташа Димитриевска за случајот со сообраќајката кај Млечниот ресторан во Скопје, по досудената условна казна за обвинетиот кој со автомобил удри во млад брачен пар на мотор откако преминал преку двојна полна линија.

Димитриевска, која во сообраќајката во октомври 2018 го изгуби сопругот и плодот, за „360 степени“ вели дека добила првичен одговор од Судскиот совет по претставката во која таа се жалеше на постапувањето на предметната судијка, Елена Илиевска-Јосифовиќ.
„Од Судскиот совет добив одговор дека ја примиле мојата претставка и дека ќе преземат дејствија за да ги проверат моите наводи, а потоа дополнително ќе ме известат за сознанијата кои ги добиле“,
вели Димитриевска за „360 степени“.
Таа ја поднесе претставката на 7 септевмри, а во неа наведе неколку точки зошто смета дека судијката не била професионална. Еден од нив беше што ја отстранила од судницата кога обвинетиот се произнесувал за вина и го признал делото.
Освен до Судскиот совет, Наташа Димитриевска поднесе претставка и до Советот на јавни обвинители за работата на обвинителката во предметот. Обвини дека самата постапка се водела предолго и не е направена соодветна квалификацијата на делото, односно обвинителката навела дека тоа е сторено од небрежност. Дополнително, како што вели, таа не повела постапка против обвинетиот Васил Чорбаџиев за неукажување помош при сообраќајна незгода, а во обвинението не било запишано ниту дека во сообраќајката таа го изгубила плодот.
Наташа Димитриевска и семејството на сега починатиот Гоце Димитриевски ја добија писмената пресуда за случајот кај „Млечен“ вчера. Во неа детално се опишани сите олеснителни и отежнителни околности кои судот ги зел во предвид, кога одлучил виновникот за смртта на 32 годишно момче и тешките повреди на неговата сопруга да го санкционира со условна казна.
Јавните настапи на оштетената Наташа Димитриевска по пресудата отворија Пандорина кутија, кога се во прашање пресудите за сообраќајните незгоди со смртни последици. Како што покажа истражувањето на „360 степени“ мотивирано од пресудата, сличен епилог како кај „Млечен“ има во многу други пресуди. Највисоката изречена казна затвор која ја најдовме беше 1 година затвор за возач на камион кој прегазил и усмртил 11 годишно девојче на пешачки премин.
Реакциите во јавноста и медиумскиот притисок отворија и стручна дебата но и размислувања кај извршната власт. Новиот министер за правда, Бојан Маричиќ, во емисијата „360 степени“ изјави дека неговиот ресор ќе направи анализа – дали треба да се смени законот во делот на казните за сторителите на вакви кривични дела или пак судската пракса.