Алексеј Навални, рускиот дисидент кој беше отруен и се лекува во болница во Берлин, денеска објави фотографија на социјалната мрежа Инстаграм и напиша дека е среќен што дише самостојно.
„Сè уште не можам да направам речиси ништо, но вчера (понеделник) можев да дишам сам цел ден“,
напиша Навални под фотографијата.
Навални, кој откри корупција во врвот на Русија, беше примен на одделот за интензивна нега во болницата во Омск на 20 август, откако одеднаш му се слоши за време на авионски лет од Сибир кон Москва.
Тој беше префрлен во Германија два дена подоцна, каде што лекарите заклучија дека бил отруен од нервниот агенс новичок, кој потекнува уште од времето на Советскиот сојуз.
Руските власти во неколку наврати негираа вмешаност во случајот. Германската болница „Шарите“, каде што се лекува, вчера објави дека се подобрува неговата здравствена состојба, дека може повремено да станува од кревет и оти може целосно да биде исклучен од апаратот за вештачко дишење.