Теренот го чуваат голем број полицајци кои се распоредени околу трговскиот центар и не дозволуваат движење во близина на багерот кој од утрово почна со рушење
Облаци од прашина се креваат кај крстосницата кај Судската палата во центарот на Скопје додека се урива дивоизградениот објект кај трговскиот центар „Мавровка“.
По речиси четири часа работа со еден багер, падна бетонот на дел од столбовите на дивоградбата која „никна“ на местото од поранешното кафуле „Фонтана“. Но, објектот сѐ уште стои на арматурата.



Теренот го чуваат голем број полицајци кои пеш и со возила се распоредени околу трговскиот центар и не дозволуваат движење во близина на багерот кој од утрово почна со рушење.
Екипата на „360 степени“ забележа и припадници од Единицата за брзо распоредување во близина на судовите, каде што се паркирани и оклопни возила. Но, тие беа затскриени во просторот меѓу зградите на судовите.



Рушењето го следат и голем број новинарски екипи и го пренесуваат во живо. Најголемиот дел од нив се таму уште од 10 часот, кога почна носењето на механизацијата.



Пред медиумите претпладнево застана и сопственикот на објектот, кој со полни раце документи и во присуство на неговиот адвокат рече дека не станува збор за дивоградба и дека се руши од политички причини. Тврди дека имал одобрение за обнова на неговото кафуле, кое изгоре во пожар и дека не било во план да се крева втор кат.

Рушењето почна од утрово откако Владата вчера им наложи на Општина Чаир и Јавното претпријатие за одржување на магистралните и регионалните патишта да склучат договор и да се почне со отстранување на објектот.


Брзо рушење претходно најави и премиерот Зоран Заев, кој порача дека меѓу првите задачи на новата влада ќе биде да се најде решение за проблемот откако и на вториот распишан тендер за уривање не се пријави ниту една фирма.