Утрово започна уривањето на дивоградбата што никна на местото на кафулето „Фонтана“ кај трговскиот центар „Мавровка“ во Скопје.
Со градежна механизација и присуство на полицијата, уривањето е во тек откако вчера овој објект беше тема и на првата владина седница.

Владата вчера препорача Општина Чаир и Јавното претпријатие за одржување на магистралните и регионалните патишта да склучат договор и да се почне со отстранување на дивоградбата.

„По исполнување на обврските од договорот, Општина Чаир и Јавно претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта, во рок од 7 дена, се задолжени да подготват и до Владата на Република Северна Македонија да достават соодветна Информација за извршување на обврските од одлуката“, информираат од Владата по вчерашната седница.

Вчера МВР поднесе и кривична пријава против 34-годишен скопјанец за бесправно градење.

Случајот со дивоградбата кај „Мавровка“ со месеци предизвикува внимание во јавноста, особено по изјавите од надлежните институции дека не можат да го откријат инвеститорот на објектот што почна да се гради веднаш по пожарот во кој изгоре кафулето „Фонтана“, а потоа и тендерите за уривање на дивоградбата што ги распиша Општина Чаир на кои никој не се пријави.