Пратеникот Талат Џафери на денешната седница беше реизбран за претседател на Собранието со 62 гласа „за“. Од вкупно 105 пратеници кои гласаа, 43 беа против, а воздржани немаше.
„Изјавувам дека функцијата претседател на Собранието на Република Северна Македонија ќе ја извршувам совесно и одговорно. Ќе ги почитувам Уставот и законите на Република Северна Македонија“,
ја прочита Џафери свечената изјава.
Седницата продолжи со следната точка на дневен ред за избор на претседател, заменик на претседателот, членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Северна Македонија.
Претходно во текот на денешната седница излагања имаа повеќемина пратеници кои расправаа зошто ќе го поддржат или зошто нема да го поддржат Џафери за претседател на Собранието.
Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ рекоа дека нема да го гласаат, бидејќи сметаат дека Џафери во претходниот негов мандат не ја вршел добро функцијата и можел да спречи носење лоши закони.
Пратениците од коалицијата на Алијанса за Албанците и Алтернатива најавија дека нема да присуствуваат на чинот на гласањето, бидејќи сметаат дека на последните парламентарни избори ДУИ ги победила нечесно.
Џафери беше предложен за уште еден четиригодишен мандат, а предлогот за претседател на Собранието на денешното продлжение на седницата го образложи пратеникот Изет Меџити од ДУИ, кој кажа дека во минатиот период Џафери ефикасно и успешно раководел со законодавниот дом, согласно законите и Уставот.
Тој, според Меџити, успешно ги менаџирал сите процеси од надлежност на Собранието.