Власта сега има мнозинство и претседател и во ова тело, за разлика од претходниот состав, кое го закочи изборот на Програмски совет и Надзорен одбор во јавниот сервис, на нови раководни тела за Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ), на Комисија за спречување и заштита од дискриминација, а долго време го остави и Државниот завод за ревизија без главен ревизор.
Пратеникот од СДСМ, Костадин Костадинов, е избран за претседател на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата. Заменик-претседател во Комисијата ќе биде пратеникот од СДСМ, Мухамед Зеќири.
Останати членови на Комисијата се следниве пратеници: Горан Мисовски, Јован Митрески, Фаница Николовска, Фадил Зендели, Мерита Колчи – Коџаџику, Арбен Зибери, Антонијо Милошоски, Александар Николоски, Дафина Стојаноска, Игор Јанушев, Никола Мицевски и Сурија Рашиди. Од 13 члена, 7 се од парламентарното мнозинство и тоа: Костадинов, Мисовски, Митрески, Николовска, Зендели, Колчи -Коџаџику и Зибери.
Новиот комисиски состав доби поддршка од 90 гласа „за“. Двајца беа против и двајца воздржани.

Пратеникот од Левица, Димитар Апасиев, реагираше зошто неговата партија не добила шанса да биде во Комисијата. Поддршка доби од пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјаноска-Давкова.
„Портпаролот на партија – претседател, браво. Мислам дека Левица со право реагира“,
рече Силјаноска-Давкова од собраниската говорница.
Во претходниот парламентарен состав, на чело на ова собраниско работно тело беше тогашниот пратеник од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски. Спикерот Талат Џафери денеска им рече на новите пратеници дека случајот со Димовски бил исклучок и знак на добра волја.
„Да ве потсетам, 2016 година имавме разбирање како мнозинство и во знак на добра волја дадовме можност да ја води член од опозицијата, што не беше случај порано. Откако сум во Собранието, не се случило да раководи претседател од опозицијата“,
кажа Џафери.
Комисијата е важно работно тело оти нејзините членови ги разгледуваат предлозите за избор и именување, односно разрешување на функционери кои ги именува Собранието, предлага членови на управни органи и други тела во јавните претпријатија, организациите и институциите кои ги избира Собранието итн.