Мандатарот Зоран Заев смета дека во моментов нема потреба од свикување на парламентот оти во тек се преговори за формирање владејачко мнозинство.
Претседавачот со конститутивната седница во Собранието, Талат Џафери за ТВ21 денеска изјавил дека засега нема план да свика продолжување на седницата.
„Врз основа на моите надлежности, кога ќе одлучам, тогаш ќе ја свикам. Јас засега немам никакви планови“,
изјавил Џафери.
Џафери првично за вчера планирал продолжување на седницата, но ја одложи со образложението дека добил внук.
„360 степени“ дознава дека вистинските причини за премислувањето на Џафери се политички. Како што објавивме, неговата најава Собранието да заседава, според нашите извори, била оценета за самоволно солирање на Џафери среде преговорите за формирање нова влада, а реакции имало дури и од врвот на ДУИ.
Информацијата дека собраниските служби се подготвувале за собраниска седница вчера, ја слушнал и мандатарот Зоран Заев. Тој по добивање на мандатот кажа дека во моментов нема потреба од свикување на парламентот оти во тек се преговори за формирање владејачко мнозинство.
„Мој личен коментар би дал. Талат Џафери тврди дека во рок од три дена од доделување на мандатот, претседателот на Собранието ги известува пратениците за тоа. Пратениците ќе знаат преку вас медиумите, а ако има претседател, тогаш тој ги известува. Ако нема претседател, не гледам дека неспроведување на таа одредба е нешто што е лошо. Не постои претседател во моментов и тој не може да ја спроведе одредбата да ги информира пратениците. Тој, веројатно, сакал својата деловничка обврска да ја заврши, но дефинитивно рокот, сам по себе, кажува дека мандатарот има 20 дена да се обиде да состави Влада“,
кажа Заев.