Информацијата дека собраниските служби се подготвувале за собраниска седница денеска, ја слушнал и мандатарот Зоран Заев. Тој смета дека во моментов нема потреба од свикување на парламентот оти во тек се преговори за формирање владејачко мнозинство.
„Веројатно, во консултации со стручни лица, на крајот, е донесена одлука да нема таква седница. Досега не е закажана, јас верувам дека нема да има, поради тоа што преговорите продолжуваат. Мој личен коментар би дал. Талат Џафери тврди дека во рок од три дена од доделување на мандатот, претседателот на Собранието ги известува пратениците за тоа. Пратениците денеска ќе знаат преку вас медиумите, а ако има претседател, тогаш тој ги известува. Ако нема претседател, не гледам дека неспроведување на таа одредба е нешто што е лошо. Не постои претседател во моментов и тој не може да ја спроведе одредбата да ги информира пратениците. Тој, веројатно, сакал својата деловничка обврска да ја заврши, но дефинитивно рокот, сам по себе, кажува дека мандатарот има 20 дена да се обиде да состави Влада“,
рече Заев.
Заев му честита на Талат Џафери за добиениот внук, семејна вест со која Џафери го оправда одложувањето на најавеното продлжување на конститутивната седница за денеска.