Механизацијата за ископ на РЕК Битола заглавила под вода како резултат на силното невреме што го зафати тој крај изминативе денови. Денеска од комбинатот велат дека успеале во функција да вратат еден од багерите.
Директорот на РЕК Битола, Златко Ќурчиевски при денешната посета во рудниците информираше дека во изминатиот период таму се правеле и дополнителни брани и канали за да се заштитат пониските места за ископ и на тој начин е спречено да дојде и до полоша ситуација од моменталната. Ќурчиевски изјави дека со натчовечки напори на вработените во комбинатот, во функција полека се враќа дел од механизацијата за ископ.
„Во функција веќе е вратен еден од багерите, 323, а очекуваме до утре во функција да се врати и багерот 630/1 со претоварниот уред, и со тоа да го обезбедиме континуираното снабдување со јаглен на термоелектраната и да го одржуваме нивото на депонијата на моменталната состојба, односно околу 80.000 тони јаглен, што е вообичаена количина за летниот период. Сите сили во наредниот период ќе бидат насочени кон оспособување и најголемиот багер, КУ 300“,
рече Ќурчиевски.
Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски рече дека компанијата со сопствени средства и ресурси вложува напори за санирање на последиците, со особено пожртвуваност на вработените во РЕК Битола и во АД ЕСМ.
Тој ги осуди нападите врз РЕК Битола и вработените од страна на ВМРО – ДПМНЕ, со оценка дека во моментов таквите партиски пресметки преку грбот на најголемиот државен производител на електрична енергија се несериозни и штетни за целата држава која во најголем дел се снабдува со струја од РЕК Битола.
„Вчера се состана Управниот одбор на АД ЕСМ заедно со стручниот колегиумот на РЕК Битола токму тука во комбинатот. Беа утврдени понатамошните чекори кои ќе се преземат и беа утврдени конкретните задачи по служби и по секој еден вработен. Мотивацијата меѓу вработените е голема, сите се на работните места, нема годишен одмор, нема викенд, сите се вратија на работа за да дадат свој придонес овој комбинат кој е гордост на сите нив повторно да се врати во нормално функционирање и да го надмине овој голем и огромен предизвик за сите нас. Тоа што не помага и што создава чувство на разочараност кај вработените се политичките пресметки што се прават преку нивниот грб од страна на опозициската партија ВМРО ДПМНЕ и нејзиниот претседател Христијан Мицкоски“,
рече Ковачевски.
Зачуденоста на вработените, додаде, е уште поголема зашто Мицкоски бил и директор во еден период.
„Сега од него дочекаа да слушнат дека не треба да им се дава и вода за пиење по рудниците. Го повикувам Мицкоски да дојде тука, ќе го однесам во рудникот ако нема отидено, за да види што е рудник, што се рудари и што е елементарна непогода во јагленови откопни полиња“,
додаде тој.