Лидерите на Европската Унија продолжуваат со расправа за економската криза и буџетот за справување со последиците од корона-кризата.
И покрај маратонските преговори, сѐ уште нема согласност за големината и правилата за распределба на економскиот пакет помош за надминување на рецесијата предизвикана од пандемијата на коронавирусот.
Австрискиот канцелар Себастијан Курц изјави утрово дека разговорите на Самитот на ЕУ во Брисел биле тешки, но вели дека има напредок.
„Тешките преговори завршија и можеме да бидеме многу задоволни од резултатот. Продолжуваме попладне“,
напиша Курц на Твитер по маратонскиот самит.
Холандскиот премиер Марк Руте, исто така, истакна дека лидерите на ЕУ напредувале кон постигнување договор околу планот за оживување на економијата, но предупреди дека преговорите би можеле да завршат без успех.
„Синоќа тоа не изгледаше добро, меѓутоа чувствувам дека во целост напредуваме“,
изјави Руте пред новинарите во Брисел.
Лидерите на 27 земји членки на ЕУ, веќе неколку денови по ред, преговараат за новиот буџет на Унијата, кој треба да обезбеди, во еден дел, неповратна помош на земјите членки за санација на последиците врз економиите предизвикани од ковид-19.