Економијата на ЕУ ќе се соочи со длабока рецесија оваа година поради пандемијата на коронавирусот и покрај брзите и сеопфатни политички одговори на ЕУ и на национално ниво, се вели во летните економски проекции за земјите на ЕУ и за еврозоната, објавени денеска.
„Бидејќи олабавувањето на рестриктивните мерки се одвива на многу попостепено од тоа што очекувавме во нашите пролетни прогнози, последиците врз економските активности ќе бидат позначајни од очекуваното“,
се вели во уводот во извештајот за економските прогнози на Европската комисија за 2020 и 2021 година.
Анализите на службите на ЕК, како што објави МИА од Брисел, покажуваат дека во текот на оваа година, економијата на ЕУ ќе се намали за 8,3 отсто, а во еврозоната до 8,7 отсто. За 2021 се очекува раст од 5,8 отсто во ЕУ и 6,1 отсто во еврозоната.
За споредба, пролетната прогноза на Комисијата предвидуваше рецесија од 7,4 отсто за ЕУ и 7,7 отсто за еврозоната во 2020.
Извештајот го зема предвид фактот дека ризиците остануваат „исклучително високи“ бидејќи е непознато дали во наредните месеци повторно ќе треба да се затворат економиите и да се воведат нови строги рестриктивни мерки доколку вирусот повторно се рашири. Во некои европски региони веќе се јавува нов бран, а есента и зимата би можеле дополнително да ја влошат состојбата.
Анализите на Комисијата тргнуваат од претпоставката дека мерките прогресивно ќе се олабавуваат и дека нема да има втор бран на ковид-19.
„Економските последици од рестриктивните мерки се посериозни од очекуваното. Продолжуваме да пловиме во бурни води и се соочуваме со многу ризици, вклучително и нов голем бран на инфекции. Ако ништо друго, оваа прогноза е моќна илустрација дека ни е потребен амбициозен пакет за економско закрепнување“,
изјави Валдис Домровски, потпретседател на ЕК задолжен за економијата.
Европската комисија предупредува дека посебно кревка состојба е пазарот на трудот, и дека многу компании може да се соочат со неликвидност, бидејќи загрозена е стабилноста на финансиските пазари.
Европската извршна власт стравува од зголемени протекционистички политики кои би имале „негативни последици“ врз глобалната трговија. Во овој контекст, се повикуваат земјите членки на ЕУ и Обединетото Кралство да не го одлагаат склучувањето на договорот за слободна трговија за кој сѐ уште се преговара. Доколку двете страни не успеат да се договорат за ваква спогодба, се очекува негативен ефект врз економскиот раст, посебно британскиот, вели ЕК.
ЕК пред неколку недели презентираше пакет мерки за излез од кризата наречен „Следна генерација ЕУ“, врз основа на германско-француската иницијатива, но земјите членки на ЕУ не успеваат да постигнат консензус за овој предлог.
Идната недела ќе се одржи првиот самит помеѓу 27-те лидери на ЕУ со нивно физичко присуство, откако започна кризата во март, на кој главна тема ќе бидат иницијативите за економски спас.
Пакетот што го предлага Европската комисија ќе овозможи да се внесат свежи пари во економиите на ЕУ, но тие ќе значат и поголем надзор врз внатрешната политика во земјите членки и поголема солидарност помеѓу нив.