Главниот град и понатаму е подрачје со најголем број на активни случаи на ковид-19 во земјата. Но, во некои општини бројот на заболени видно се намалува додека во други стагнира или се зголемува
Чаир и понатаму е општината во подрачјето на Центарот за јавно здравје – Скопје која има најголем број на активно болни лица од коронавирусот. Според последните податоци, позитивни на вирусот се 293 лица. Но, ако статистиката се гледа само малку подолгорочно, оваа вест е и добра вест.
„Премотување“ на бројките само две недели наназад покажува дека во последното деноноќие во Чаир има околу 30% помалку болни споредено со пред две недели. Како што покажува графиконот подолу, на 30 јуни имало 435 активни случаи, седум дена подоцна бројката паднала на 373 активни случаи а денеска таа изнесува 293.

Не е само Чаир со помалку болни за две недели
Од 17-те општини кои ги покрива Центарот за јавно здравје – Скопје, освен во Чаир, позитивни трендови има во уште 11 општини. Споредено со пред две недели, помалку болни има во Аеродром, Бутел, Карпош, Сарај, Кисела Вода, Ѓорче Петров, Шуто Оризари, Арачиново, Илинден, Чучер Сандево и Сопиште.

Меѓу општините во кои е највидлив намалениот број на активни случаи на ковид-19 е Сарај. На 30 јуни во општината имало 153 болни од ковид-19 а веќе денеска бројката е падната на 118 случаи.

Значително процентуално намалување има и во Кисела Вода. Во последните 24 часа таму има околу 15% помалку болни отколку што тоа било случај пред две недели.

Околу 10% помалку активни случаи на ковид-19 споредено со состојбата од пред две недели има во Аеродром. Иако не брзо, бројките во таа општина постепено се намалуваат.

Подобро е и во Бутел, каде бројот на активно болни е намален во последните седум дена. На 7 јули во општината имало 167 случаи а веќе денеска 139.

Гази Баба, Центар и Студеничани се „мачат“
Иако на поголем дел на општините на подрачјето на Центарот за јавно здравје им оди на подобро, во вкупно пет општини епидемијата стагнира или се влошува. Таков е впечатокот кога се суди според расположивите статистики за активните случаи на Министерството за здравство. Бројктие во последните две недели се зголемуваат во Гази Баба, Центар, Студеничани, Петровец и Зелениково.
Од оваа група општини, најмногу болни има во Гази Баба. Денеска властите известуваат дека таму има 199 активни случаи, што е повеќе од 192-та случаи за кои е известено на 7 јули и значително повеќе од 171 случај колку што имало на 30 јуни.

За Центар можеби и не може да се каже дека состојбата се влошува, но таа секако не се подобрува во последните две седмици. На 30 јуни во општината имало 139 активни случаи додека и на 7 јули и денеска здравствените статистики регистираат 144 активно болни од коронавирусот.

Од општините со барем 100 активно болни од ковид-19, тешко оди намалувањето на бројот на случаите и во Студеничани. Од 101 случај на 30 јуни, бројките пораснале на денешните 109 пациенти со коронавирусот.
