Според ВМРО-ДПМНЕ, Општината има директна надлежност да ги отстрани животните од улиците и плоштадите, да ги смести во соодветен простор и да побара интервенција од надлежните институции
„Предлагаат вонредна седница на Советот за да расправа за нешто за кое Агенцијата за храна и ветеринарство веќе донела решенија за одземање на добитокот, а тие не се спроведуваат! Кое лицемерство!?“, вели Митовски

Човек да не знае со кого попрво да се бори – со кравите или со ВМРО Паланка. И едните и другите – без контрола и без одговорност. Вака градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, коментираше утринава откако вчера од Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ најавија дека ќе поднесат барање за свикување на вонредна седница на општинскиот Совет и оти заедно со барањето ќе приложат и акциски план со конкретни чекори и активности на терен кои се во надлежност на општината, кои ќе доведат до забрзано и трајно решавање на проблемот со добитокот.
ВМРО-ДПМНЕ на вчерашната прес-конференција посочи дека градоначалникот Митовски избегнува да ги преземе законските обврски согласно Законот за локална самоуправа и Законот за јавна чистота. Според ВМРО-ДПМНЕ, Општината има директна надлежност да ги отстрани животните од улиците и плоштадите, да ги смести во соодветен простор и да побара интервенција од надлежните институции.
„Ова го знае и тој, бидејќи на состанокот во Агенцијата за храна и ветеринарство, одржан минатата недела, на кој е бил присутен, му било укажано дека согласно претходно кажаните закони, дел од обврската е негова. Наместо да постапи по насоките и законските надлежности и координирано да се пристапи кон решавање на проблемот, тој продолжува наместо градоначалник да биде аналитичар и да констатира дека постои проблем“,
рече пратеникот Емил Спасовски од ВМРО-ДПМНЕ.
По ова, Митовски реагираше со објава на својот фејсбук-профил.
„Предлагаат вонредна седница на Советот за да расправа за нешто за кое Агенцијата за храна и ветеринарство веќе донела решенија за одземање на добитокот, а тие не се спроведуваат! Кое лицемерие!?“,
пишува Митовски во објавата во која како прилог додава решенија од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Митовски обвини и дека од ВМРО-ДПМНЕ досега се немаат појавено на ниту еден собир на граѓани за да, како што вели, ја слушнат нивната мака и јавно да ги поддржат нивните барања.
„Ваквото поигрување со маката на луѓето е понижување за секое семејство што трпи штети и за целиот град. Само едно не знам: со кои очи утре ќе ги погледнете овие луѓе!?“,
праша Митовски.
Со реакција вчера се јави и претседателот на Советот на Општина Крива Паланка, Миле Трајковски, кој рече дека досега не било поднесено барање за свикување седница на Советот од пратеник, но дека и тоа ќе биде прифатено.
„Пратеникот претходно беше поканет и на седница на Кризниот штаб, но не се појави. Тоа, сепак, нема да биде пречка за нова покана. Како претседател на Совет на Општина Крива Паланка јавно го поканувам пратеникот Емил Спасовски веднаш по протестот во сабота, заедно со советниците, да присуствува на отворена седница на Советот“,
пишува Трајковски на Фејсбук.
Денеска Спасовски со нова објава на Фејсбук обвини дека градоначалникот шири хистерија со што може да се види неговата немоќ и неспособност да се справи со надлежностите и обврските што ги носи функцијата.
„Јас ниту некогаш сум бегал ниту имам намера да бегам од граѓаните. Во политиката е сосема нормално да не можеш во секој момент да му помогнеш на секого кога има потреба од нешто. Но, сосема е коректно и чесно да се каже: ова во моментов не можам да го направам, или ќе ми треба малку, можеби и малку повеќе време“,
пишува Спасовски.
Инаку, за проблемот со добитокот што слободно шета низ улиците на Крива Паланка, градоначалникот Сашко Митовски пред два дена упати барање до Владата да му додели законски овластувања за самостојно да го реши проблемот со пуштениот добиток низ улиците и приватните имоти на граѓаните. Митовски нагласува дека од централната власт не бара никаква финансиска, ниту техничка поддршка, туку единствено правен механизам за да може да ја координира акцијата на терен.
Тој ветува брза и ефикасна реализација доколку добие дозвола и најави дека ќе подготви протокол и оперативен план со кои целата акција ќе се спроведе за помалку од десет работни дена.
Минатата недела Митовски побара од Владата да прогласи кризна состојба во траење од 30 дена со цел трајно решавање на проблемот со неконтролираното движење на крупниот добиток.
Станува збор збор за проблем со кој Општината се соочува повеќе години, и за кој, како што кажа Митовски, сè уште не е најдено трајно решение од надлежните институции.
Инаку, Агенцијата за храна и ветеринарство изминатиот период имаше неколку акции за одземање на добитокот од одгледувачите – татко и две ќерки, кои се одвиваа во тензична атмосфера бидејќи додека инспекторите на АХВ се обидуваа да ги заловат кравите, нивните сопственици ги оневозможуваа во работата.
Дел од сопствениците на добитокот беа приведувани од МВР и против нив беа поднесени кривични пријави поради спречување вработени од Агенцијата за храна и ветеринарство во извршувањето службени дејствија. ОЈО Крива Паланка во декември лани поднесе обвинителен предлог против татко и две ќерки, кои се водат како сопственици на добитокот за сторено кривично дело – спречување службени лица во вршење службено дејствие.
