Тој потврди дека имал средба со премиерот на кој бил информиран за чекорите на Владата околу законското решение, но рече дека на владината седница на кој било утврдена информацијата тоа да се прати на мислење во Венецијанската комисија, министрите на ЗНАМ се воздржале, односно не дале поддршка за одлуката
„Доколку не биде испочитувано, како владин партнер ќе размислиме нашето практикување на власт. Верувам дека ќе дојде до лидерска средба во декември, бидејќи тоа го побарав од премиерот. Ние до ден-денес сè уште немаме седнато на иста маса со владините партнери за да го отвориме и разговараме ова прашање. Јас не сакам да бидам информиран, сакам да бидам консултиран“, изјави лидерот на ЗНАМ и градоначалник на Куманово во вечерашното гостување во „Само интервју“ на телевизија Канал 5
Димитриевски ги отфрли наводите дека во коалицијата постои вештачка криза и додаде дека доколку премиерот Мицкоски процени оти се потребни предвремени парламентарни избори, може да ги распише уште утре
Движењето ЗНАМ останува составен дел од Владата и парламентарното мнозинство сè додека не се нарушат елементарните принципи од договорот со ВМРО-ДПМНЕ, порача лидерот на партијата и градоначалник на Куманов, Максим Димитриевски, во гостувањето во емисијата „Само интервју“ на телевизија Канал 5. Досегашната соработка со премиерот Христијан Мицкоски тој ја оцени како одлична, но кажа дека од него побарал лидерска средба на владините партнери во декември за да се разговара за прашањето за Законот за правосудниот испит.

Во однос на предлог-решението за начинот на полагање на правосудниот испит, подготвено од министерот за правда Јетон Шасивари, кое Владата го испрати на мислење до Венециската комисија, лидерот на ЗНАМ е дециден дека неговата партија нема да го поддржи доколку во ваква форма стигне во Собранието, без разлика дали е на власт или во опозиција. Тој потврди дека имал средба со премиерот на кој бил информиран за чекорите на Владата околу законското решение, но рече дека на владината седница на кој било утврдена информацијата тоа да се прати на мислење во Венецијанската комисија, министрите на ЗНАМ се воздржале, односно не дале поддршка за одлуката.
„Не се убедувавме со премиерот, туку ме информираше за плановите. Постапките имаат легитимно право да течат, инаку се прогласи еден триумфализам од страна на моноетничките политички субјекти, првенствено на партнерот во Владата – Влен, којшто не е основан, бидејќи Владата разгледа информација, донесе неколку заклучоци и испрати предлог-решение на Венециска комисија“,
кажа Димитриевски во интервјуто.
Тој оцени дека станува збор за „хибридно решение“ и изрази скептицизам дека Венециската комисија ќе даде позитивно мислење, потсетувајќи на нејзините ставовите на Комисијата од 2019 година дека употребата на друг јазик освен македонскиот дополнително ги усложнува судските постапки. Според Димитриевски, ваквиот пристап води кон поделба на „наши и ваши“ и создавање судови и судии кои би суделе на македонски или на албански јазик.
„Судење во Македонија е на македонски јазик. Судење на албански јазик е во Албанија и во Косово каде што албанскиот е службен јазик. Судењето во Србија е на српски јазик, и дајте еден пример во Европа каде што има парламентарна република каде што имате полагање стручен испит на друг јазик освен на официјалниот“,
изјави лидерот на ЗНАМ.
На прашањето дали ова претставува „црвена линија“ за излез од владината коалиција, Димитриевски рече дека во политиката постои компромис, но не и во владеењето на правото, додавајќи дека согласно Уставот и важечките закони, во моментов не постои можност за полагање на правосудниот испит на друг јазик. Тој побара за темата првенствено да се отвори широка јавна дебата со академската фела.
„Доколку не биде испочитувано, како владин партнер ќе размислиме нашето практикување на власт. Верувам дека ќе дојде до лидерска средба во декември, бидејќи тоа го побарав од премиерот. Ние до ден-денес сè уште немаме седнато на иста маса со владините партнери за да го отвориме и разговараме ова прашање. Јас не сакам да бидам информиран, сакам да бидам консултиран“,
порача Димитриевски.
Димитриевски ги отфрли наводите дека во коалицијата постои вештачка криза и додаде дека доколку премиерот Мицкоски процени оти се потребни предвремени парламентарни избори, може да ги распише уште утре.

За потсетување, темата за начинот на полагање на правосудниот испит доби нови димензии во политичкиот дискурс во државата, откако лидерот на ЗНАМ и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, во телевизиско гостување на 6 ноември кажа дека неговата партија ќе ја напушти Владата доколку се прифати правосудниот испит да се полага на друг јазик освен македонскиот.
Изјавата на Димитриевски го наметна прашањето за стабилноста на владината коалиција. Од опозицискиот СДСМ, во овој контекст, оценија дека темата со правосудниот испит се турка за да се создаде впечаток за наводен судир и тензија во владејачката коалиција, што би му дало алиби на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за предвремени парламентарни избори и истовремено да се избегне одговорност за случајот со Алта банка и празната државна каса.
Од Алијанса за Албанците, пак, коментирајќи ја изјавата на Димитриевски, преку писмено соопштение, наведоа дека тој може да ја напушти Владата бидејќи знае дека ќе има предвремени парламентарни избори. Според Алијанса, прашањето за правосудниот испит на лидерот на ЗНАМ и градоначалник на Куманово, му е потребно за да го искористи во предизборната кампања и да ја глуми улогата на „голем патриот“.
Од Демократската унија за интеграција (ДУИ), денеска го критикуваа предлог решението, наведувајќи дека моделот претставува деградирање на албанскиот јазик и негово изедначување со другите јазици што немаат статус на службени. Генералниот секретар на партијата, Арбер Адеми, посочи дека Законот за употреба на јазиците предвидува правосудниот, но и сите други државни испити, да може да се полагаат на албански јазик. Од ДУИ реагираа и на одлуката предлог-решението да биде испратено на мислење до Венецијанската комисија. Адеми овој потег на Владата го оцени како за одолговлекување и релативизирање на загарантираното право на употреба на албанскиот јазик.
Инаку, решението што се предлага е усниот дел од правосудниот испит да се полага на македонски јазик, а писмениот на јазикот на кој се студира.
