Расправата ја одбележа соочувањето меѓу премиерот Христијан Мицкоски и лидерот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија, Венко Филипче, во врска со нацрт-записник и одлука на претходната влада предводена од СДСМ
Надзорната расправа во Собранието ќе продолжи откако претседателката на Комисијата, Сања Лукаревска, дополнително ќе ги утврди датумот и агендата во координација со пратеничките групи
Првиот ден од надзорната расправа во Собранието посветена на состојбите во Алта банка АД Битола, улогата на Народната банка и институционалната одговорност помина во знак на жестоки соочувања, меѓусебни обвинувања за лаги и префрлање на вината меѓу власта и опозицијата.

Пратеничката од СДСМ и претседателка на Комисијата за финансирање и буџет, Сања Лукаревска, по исцрпувањето на листата на повикани сведоци за првиот ден, доцна вечерва ја прекина расправата и најави дека продолжението и агендата дополнително ќе се утврдат на координација.
Мицкоски покажа стенограми од владина седница од 2023 г., Филипче тврди дека премиерот ја манипулира јавноста
Расправата ја одбележа соочувањето меѓу премиерот Христијан Мицкоски и лидерот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија, Венко Филипче. Премиерот, кој сведочеше пред Комисијата, објави извадок од нацрт-записник и одлука на претходната Влада предводена од Димитар Ковачевски од 24 октомври 2023 година (објавена во „Службен весник“ бр. 123/2023).
Според Мицкоски, тогашната влада на СДСМ и ДУИ дала согласност за продажба на акции во Стопанска банка АД Битола (денешна Алта банка АД Битола) и го задолжила Државното правобранителство да стапи во комуникација со сопственикот на Алта банка Србија, Давор Мацура.
„Дали тогаш тие не знаеле кој е Давор Мацура? Сите тие гласале. Одлуката за влез на Давор Мацура ја носи владата на СДСМ со ДУИ… Многу пред да дојде Алта банка во Македонија, вие како влада воспоставувате деловни односи со тоа лице. Мојата контратеза е дека вие многу порано сте знаеле и сте ја довеле државата во деловни односи со овој капитал“,
кажа Мицкоски во одговор на прашањата од Филипче и пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, одржа прес-конференција по расправата и го обвини премиерот за брутална лага и дефокусирање. Филипче наведе како била формирана Алта банка и посочи дека таа настанала во 2020 година откако нејзиниот сопственик Давор Мацура, кој сега е во притвор, ги откупил акциите од поранешната југословенска Југмест банка, кои ѝ припаѓале на Србија. За да се стекне со 90 отсто сопственост, тој сакал да ги откупи и акциите што им припаѓале на поранешните југословенски републики, според принципот на сукцесија. Според Филипче, македонската влада тогаш одбила да му ги продаде акциите на Мацура, но тој го остварил тоа преку Босна и Херцеговина и согласно српското законодавство ги откупил преостанатите акции без нивна согласност.
„Заклучокот од владината седница на 24 октомври 2023 година беше да се ангажира Државното правобранителство за заштита на државниот интерес, вклучувајќи ги и малите акции кои биле откупени без наша согласност. Ни збор за продавање акции, ни збор за воспоставување бизнис-интереси со Алта банка. Мицкоски мавта со документи што не ги чита и ја манипулира јавноста за да ја тргне одговорноста од себе за влезот на банката чиј сопственик сега е во затвор за перење пари“,
изјави Филипче повикувајќи го Јавното обвинителство да отвори истрага за релациите на Мицкоски во преземањето на банката.

Лукаревска побара оставка од Славески; Народната банка тврди дека постапувала по закон
Пратеничката Сања Лукаревска директно побара итна оставка од гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, обвинувајќи го за нарушена доверба во банкарскиот сектор и пропусти при проверката на кредибилитетот на сопственикот. Таа праша зошто на граѓаните им е ограничен дневниот износ за повлекување средства, кога банката заклучно со 31 март 2026 година располагала со ликвидна актива од 5 милијарди денари наспроти 8,9 милијарди денари во депозити.
Гувернерот Славески ги отфрли обвинувањата истакнувајќи дека процесот на лиценцирање траел три месеци, поминувајќи низ сите четири нивоа на контрола во Народната банка и меѓународни проверки.
Привремениот администратор од Народната банка во Алта банка АД Битола, Илија Андовски, појасни дека администрацијата е воведена како превентивна мерка на три месеци, откако на 30 октомври годинава Народната банка на Србија ѝ ја одзеде дозволата на матичната „Алта банка АД Белград“ (сопственик на над 95% од капиталот во битолската банка). Тој потврди дека банката во третиот квартал забележала загуба од 48 милиони денари, но тоа било поради интензивни вложувања во ИТ-опрема, сервери и нови дигитални канали од страна на сопственикот.
Димитриеска-Кочоска: Министерството за финансии нема регулаторни надлежности
Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, одговарајќи на прашања на пратениците од власта и опозицијата, во своето сведочење кажа дека министерството со кое раководи немало никакви надлежности во лиценцирањето, надзорот или преземањето на банките, демантирајќи го пратеникот Фатмир Битиќи дека Владата помагала во процесот.
Димитриеска-Кочоска подвлече дека не постои никаков ризик за буџетските средства бидејќи буџетските корисници немаат депозити во банката, освен едно јавно претпријатие со износ од околу стотина илјади денари.
АР немала сознанија за безбедносни ризици
Директорката на Агенцијата за разузнавање (АР), Габриела Јаковлева, посочи дека во периодот на влезот на банката немало разузнавачки сознанија за безбедносни ризици што би наложиле известување на државниот врв, ниту, пак, дека има податоци за контакти на македонски политичари или бизнисмени со Мацура. Во иста насока, директорот на Управата за финансиско разузнавање, Кујтим Ибиши, ги демантира шпекулациите за илегални трансфери на пари кон Србија и Русија.

Државниот јавен обвинител Ненад Савески не одговори конкретно на прашањата на пратениците Миле Талески од СДСМ и Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ за тоа дали институцијата со која раководи отворила или ќе отвори постапка за случувањата поврзани со банката.
Прашањата до Савески дојдоа од пратеникот на СДСМ, Миле Талески, и неговиот колега од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, и двете во наративот и ставовите што изминатиот период ги застапуваат двете партии, а кои се дијаметрално спротивни.
„Доколку има или нема предистрага, не можам да зборувам бидејќи предистражната постапка е тајна и немојте да ми замерите на тоа бидејќи тоа е моја обврска и јас морам да го почитувам законот. Извинете што со истиот одговор одговарам и на двете прашања“,
рече републичкиот јавен обвинител.
На дополнително прашање од пратеникот на СДСМ, дали ќе поднесе обвинението против премиерот Христијан Мицкоски затоа што на надзорната расправа дал лажен исказ дека владата предводена од СДСМ во 2023 година барала воспоставување деловни односи со Алта Банка, Савески рече доколку од партијата имаат докази за такво нешто да ги достават до Обвинителството, при што додаде дека обвинение се поднесува по спроведена истрага.
Надзорната расправа во Собранието ќе продолжи откако претседателката на Комисијата, Сања Лукаревска, дополнително ќе ги утврди датумот и агендата во координација со пратеничките групи.
