Немате одговор на 2 156 амандмани, ова е единствен начин да го одблокирате. Подостоинствено ќе беше да го повлечете законот, да одите со нови измени на законот, да одите со јавна расправа, па да се дојде на собраниска седница – рече пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи
Собранието попладнето го усвои амандманот за бришење на членот 13 од предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки. Амандманот го поднесоа пратениците на владејачката ВМРО-ДПМНЕ; Бојан Стојаноски, Дафина Стојаноска и Бране Петрушевски.
Неговото усвојување доаѓа по укажувањата на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која не го потпиша указот за прогласување на законските измени.

Образложувајќи го амандманот, Стојаноски рече дека со бришењето на членот 13 се прифаќаат забелешките на претседателката и се создаваат услови законот да биде усвоен.
„Со бришењето на овој член комплетно ги прифаќаме указите од претседателката и сметаме дека овој закон може непречено да биде усвоен, да го олесниме системот и да го направиме попрактичен, позаконски, потранспарентен и поцелоисходен за целата државна управа“,
рече тој.
Посочи дека измените се дел од Реформската агенда и имаат цел да го унапредат системот на јавни набавки преку воведување дигитални алатки и вештачка интелигенција, со што, според него, би се намалиле ризиците од корупција и злоупотреби.
„Со тоа ќе се подобри процесот на јавни набавки, ќе се намалат ризиците од корупција и злоупотреби и ќе се поттикне реализацијата на инфраструктурните и другите проекти. Се дополнуваат надлежностите на Бирото за јавни набавки во делот на дигитални алатки и вештачка интелигенција како инструменти за подобрување на процесот на јавни набавки и намалување на ризиците од корупција и други злоупотреби. Зошто се носи овој закон? За да се поттикне реализацијата на проектите и оваа држава да оди напред“,
кажа Стојаноски од собраниската говорница.
Пратеникот на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), Фатмир Битиќи, реагираше дека опозицијата уште на комисиската расправа предложила амандман со иста содржина. Наместо да се менува законот во тековната постапка, смета дека власта требало да го повлече и да подготви нови измени, по јавна расправа.
„Сето ова ќе беше како што вели Стојаноски, ако нема друга виситна. На комисиската расправа дадовме ист амандман како овој што вие сега го предлагате. Баравме истиот овој член, во суштина да ни се смени, да останат претходните одредби за кои претседателката не ви го потпиша указот. Ова е можеби првпат Законот за јавни набавки да се носи во собраниска процедура без јавна расправа. Подостоинствено ќе беше да го повлечете законот, да поднесете нови измени и да има јавна расправа наместо да велите дека еве, сте ја послушале претседателката зашто таа кажала дека ова е противуставно“,
рече Битиќи.
Според него, бришењето на членот 13 не ги отстранува сите спорни прашања во законските измени, посочувајќи дека постојат и други одредби, кои, како што рече, се од посуштинско значење.
„Немате одговор на 2 156 амандмани, ова е единствен начин да го одблокирате. Подостоинствено ќе беше да го повлечете законот, да одите со нови измени на законот, да одите со јавна расправа, па да се дојде на собраниска седница. Има уште еден сериозен проблем, дали се што гласаме, односно гласате, е според уставните одредби или е противуставно“,
додаде тој.
По репликата на Битиќи, собранискиот спикер Африм Гаши го стави амандманот за бришење на членот 13 од предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки на гласање.
Амандманот беше усвоен.

По барање на Битиќи, Гаши даде еден час пауза.
Претседателката Сиљановска-Давкова на 2 ноември го извести Собранието дека нема да го потпише указот за прогласување на измените, усвоени на 26 октомври, по анализа и консултации со експерти.
Во дописот, таа се повикува на член 75 став 3 од Уставот и наведува дека одлуката ја донела по внимателна анализа и консултации со експерти, оценувајќи дека одредбата од членот 13 од измените на законот отвора сериозни дилеми во однос на владеењето на правото.
Спорна за претседателката е измената со која се менува начинот на регулирање на мандатите на претседателот и членовите на Државната комисија за жалби по јавни набавки.
Досегашното законско решение предвидуваше дека тие се именуваат за период од пет години, со право на уште еден избор, што значеше ограничување на вкупно два мандата, односно десет години. Со новата формулација, „со право на повторно именување“, според Сиљановска-Давкова, не се утврдува јасна граница на бројот на мандати.
Оценува дека ваквата формулација е правно непрецизна и остава простор за арбитрарно толкување, вклучително и можност за неограничен број реизбори.
На Законот за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки беа поднесени вкупно 2 158 амандмани.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, денеска изјави дека со амандманот на владејачкото мнозинство за повлекување на членот 13 од Законот за јавните набавки, поради кој претседателката Гордана Сиљановска-Давкова не го потпиша указот за негово прогласување, власта го отвора патот за усвојување на законското решение, без да дојдат предвид повеќе од 2 000 амандмани поднесени од СДСМ.
