Градоначалникот на Милано, Џузепе Сала, изрази загриженост од можноста за повторување на насилството од викендот и ја поддржа одлуката за дополнително распоредување војници
Меѓу главните организатори на протестите е новоформираното движење 17 Октомври, кое заедно со студентските синдикати, локалните синдикални организации и антивоените коалиции изрази незадоволство од зголемените трошоци за живот, ниските плати и владините политики
Италијанските власти денеска ги засилија безбедносните мерки во Милано и во други градови низ земјата поради најавените протести и стравувања од нови насилни инциденти.

Италијанската премиерка Џорџа Мелони најави распоредување дополнителни 500 војници во Милано, каде што минатата недела протестите завршија со судири, вандализам и грабежи.
Неколку стотици војници веќе се стационирани во градот, а околу 5 000 полицајци се ангажирани за одржување на безбедноста. Мерките вклучуваат надзор со дронови, засилени контроли на железничките станици, распоредување единици за брза интервенција и следење на интернетот поради можни повици за насилство.
Градоначалникот на Милано, Џузепе Сала, изрази загриженост од можноста за повторување на насилството од викендот и ја поддржа одлуката за дополнително распоредување војници.
Поради можноста протестите да се префрлат и во други делови од градот, безбедносните мерки се проширени и надвор од центарот на Милано.
Минатата недела демонстранти упаднаа во продавници во близина на централниот плоштад во Милано, од каде што украдоа патики и спортска опрема. Според италијанската полиција, во насилствата и грабежите учествувале околу 2 000 млади лица, а уапсени се 45, од кои 34 се малолетници.
Ламберто Бертоле, градски комесар за социјални прашања во Милано, оцени дека е потребно подетално да се истражат причините поради кои младите учествувале во грабежите. Тој во изјава за „Асошиејтед прес“ рече дека социјалните и економските нееднаквости придонесуваат дел од младите да се чувствуваат исклучени од општеството, со сè помало чувство на припадност и неизвесни перспективи за иднината.
Зголемени безбедносни мерки и во Рим
Безбедносните мерки се засилени и во Рим, каде што се блокирани дел од луксузните трговски улици, а контролите се зголемени и околу неколку плоштади.
Освен во Рим и Милано, протести се најавени и во најмалку седум италијански града.
Како почнаа протестите во Италија?
Меѓу главните организатори на протестите е новоформираното движење 17 Октомври, кое заедно со студентските синдикати, локалните синдикални организации и антивоените коалиции изрази незадоволство од зголемените трошоци за живот, ниските плати и владините политики.
Во Рим илјадници луѓе учествуваа на протест организиран од Италијанската општа конфедерација на трудот.
Во Милано протестите прераснаа во насилни судири, при што млади луѓе облечени во црно и со маски на лицата фрлаа петарди и шишиња кон полицијата и поставуваа барикади на централниот плоштад.
Слични инциденти се регистрирани и во Торино, Болоња и Бергамо. Во Болоња полицијата употреби водени топови за да ги растера демонстрантите.
