Освен за говорот на Мицкоски пред Генералното собрание на ОН, од СДСМ денеска реагираа и на најавените посети од премиерот на ултра високо ниво. Од партијата реагираат дека премиерот не присуствувал на традиционалниот прием организиран од претседателот на САД, Доналд Трамп, одржан на 22 септември 2026 година во хотелот „Лоте Њујорк палас“ за шефовите на делегациите на Генералното собрание на ОН

Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) преку соопштение упати критики до премиерот Христијан Мицкоски по неговото враќање од Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, обвинувајќи го за нарушување на угледот и понижување на државата пред меѓународната јавност.
Од партијата реагираат на изјавата на премиерот дека земјата има намера да стане сериозна држава, истакнувајќи дека државите се сериозни по автоматизам, а несериозност покажува исклучиво актуелната власт. Според СДСМ, ваквиот настап пред ОН претставува директно омаловажување на сопствената татковина со цел лична промоција.
„Пред целиот свет кажа: ’Имаме намера да станеме сериозна држава’. Државите се сериозни по автоматизам. Несериозна е власта. Тој ја понижи земјата за да се издигне себеси. Народот го нарекува талог. Медиокритети. Мочуриште. По моделот на Ванчо Михајлов. Себеси се смета за елита“,
се вели во соопштението од СДСМ.
Во соопштението дополнително се критикуваат неговите дипломатски активности за време на престојот во САД, каде се вели дека официјалните средби се свеле на куси средби во ходниците на ОН. Опозицијата упати критики и за однесувањето, изгледот и високиот трошок за личниот стајлинг на премиерот.
„Елита со часовници од 60 000 евра. Костум од 10 000 евра. Цел стајлинг. Сега бара и авион. Народот нема ни за во продавница. Тој во ходници во Њујорк. Во ходник ги пресретнува туѓите државници за некој од зад грб да слика, па дома тоа да го продаде како официјална средба. Рацете во џебови. Раскопчан. Изгужван. Како од кафеана. Така нè претставува пред Америка, пред гостите на ОН“,
додаваат од СДСМ.
Од партијата изнесоа и обвинувања за наводно финансирање средби по хотели од страна на трговци со оружје во замена за концесии за ископ на руда.
„Продавачи на оружје му ги плаќаат состаноците по хотели. Тој им враќа со земја. Ископ на отровен антимон за муниција. Провизија за нив. Сметка за народот. Потоа говор во ОН. Во говорот ниту еднаш ’Македонија’. ’Мојата земја’. На крај: Ќе станеме сериозни. Пред светот рече дека не сме“,
се вели во соопштението.
Според СДСМ, целокупниот престој на делегацијата во САД сметаат дека е голем неуспех и срам за институцијата премиер.
„Тоа ли е одбрана на идентитетот? Да ја наречеш сопствената држава несериозна пред Генералното собрание на ОН? Вакво понижување Македонија не доживеала. Срам за професорот. Срам за политичарот. Срам за човекот што треба да нè претставува. Срам за институцијата“,
велат од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.
Освен за говорот на Мицкоски пред Генералното собрание на ОН, од СДСМ денеска реагираа и на најавените посети од премиерот на ултра високо ниво.
Од партијата реагираат дека премиерот не присуствувал на традиционалниот прием организиран од претседателот на САД, Доналд Трамп, одржан на 22 септември 2026 година во хотелот „Лоте Њујорк палас“ за шефовите на делегациите на Генералното собрание на ОН.
Оттаму објавија и список на гости што биле поканети – претседателите на Полска, Чешка, Словачка, Бугарија, Романија, Црна Гора, Турција, премиерите на Словенија, Ирска, Норвешка, Исланд и членка на Претседателството на Босна и Херцеговина и шефот на државата Луксембург.
Инаку, премиерот Христијан Мицкоски во петокот имаше обраќање пред Генералното собрание на ОН, каде во говорот се осврна на процесот на евроинтеграциите, велејќи оти се очекува тој да остане процес заснован на заслуги и мерливи критериуми, а не процес во кој билатералните прашања постојано можат да ја поместуваат целта. Притоа Мицкоси рече дека амбицијата „е да станеме сериозна држава, држава на која нејзините сојузници можат да ѝ веруваат“.
