Според Касами, Влен е подготвен за избори веднаш, но како дел од централната и локалната власт нивен главен приоритет е исполнување на програмата понудена на граѓаните

Партијата Влен е подготвена за предвремени парламентарни избори. иако сметаат дека не треба да ги има. Ова денеска го истакна градоначалникот на Тетово и еден од копретседателите на Влен, Биљал Касами, коментирајќи ги актуелните политички состојби
Според Касами, Влен е подготвен за избори веднаш, но како дел од централната и локалната власт нивен главен приоритет е исполнување на програмата понудена на граѓаните.
„За предвремени избори ние како Влен сме подготвени утре да се објават, но како дел од владината коалиција и како дел од локалната власт. сме во реализација на програмата, тоа што сме го нуделе на граѓаните, така што ние не бараме предвремени избори“,
рече Касами.
Тој е уверен дека при евентуални избори Влен повторно ќе биде победник во албанскиот политички блок.
„Уверени сме дека и да има предвремени избори, пак Влен, нели, ќе биде победник во албанскиот блок и ќе биде дел од Владата и ќе ги води општините и понатаму. Така што наш приоритет е реализација на тоа што е понудено, а ако има предвремени избори подготвени сме и убедени сме дека ќе бидеме апсолутни победници“,
додаде Касами.
Минатата недела претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој доаѓа од партијата Влен, рече дека е убеден оти во државата нема да се случат предвремени парламентарни избори и посочи дека ваквото убедување го темели на неговата политичка интуиција, но и на политичките изјави што се пласираат во јавноста.
Темата за предвремени избори минатиот месец ја актуализира премиерот Христијан Мицкоски кога одговарајќи на новинарско прашање рече дека доколку опозицијата поднесе барање во Собранието неговата ВМРО-ДПМНЕ ќе одговори позитивно. Опозициската ДУИ ја поздрави изјавата на премиерот за подготвеноста на ВМРО-ДПМНЕ да оди на предвремени избори доколку во Собранието има такво барање. Сметаат дека подготвеноста да се бараат решенијата преку институциите и преку волјата на граѓаните е одговорност што треба да се поздрави.
