Во соопштението од ДУИ, се вели дека двајцата претседатели разговараат за организацијата на теренските активности и заедничката обврска на структурите на коалицијата „Национална алијанса за интеграција“ (НАИ) во поддршка на кандидатот за градоначалник на Брвеница, Аркин Јахији
Во Тетово вечерва се одржува средба меѓу лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети и лидерот на Алијанса за Албанците и поранешен градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари. На средбата, како што информираат од ДУИ, присуствуваат и раководните тимови на двете партии.

Во фокус на разговорите е координацијата на заедничките активности и обврски за превремените избори за градоначалник на Општина Брвеница.
„Двајцата претседатели разговараат за организацијата на теренските активности и заедничката обврска на структурите на коалицијата ‘Национална алијанса за интеграција‘ (НАИ) во поддршка на кандидатот за градоначалник на Брвеница, Аркин Јахији“,
се вели во партиското соопштение.
Покрај тоа, се утврдуваат и понатамошните чекори на заедничката обврска во пресрет на изборниот процес во Брвеница.
На овие избори, Демократската унија за интеграција (ДУИ) ќе настапи со кандидатот Аркин Јахији.
Јовица Радески е официјалниот кандидат на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ).
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ го избра Стојанчо Радичевски, коалицискиот партнер Влен ја официјализираше кандидатурата на Јакуп Хусеини.
