Апелацискиот суд Скопје во април 2025 година на дел од осудените за автобуската несреќа кај Ласкарци им ги зголеми затворските казни, лои Кривичниот суд им ги одреди со првостепената пресуда
Автобуската несреќа се случи на 13 февруари 2019 година, кога автобус на компанијата „Дурмо турс“ излета од автопатот во близина на селото Ласкарци, возејќи на редовна линија од Скопје кон Гостивар, при што загинаа 16 патници, а 38 беа повредени
Врховниот суд ја укина пресудата на Апелацискиот суд Скопје за автобуската несреќа кај селото Ласкарци со која на дел од осудените им беа зголемени казните што Кривичниот суд им ги одреди со првостепената пресуда.
Предметот е вратен на повторно постапување и одлучување.

Како што пишува во соопштението од Врховниот суд, Советот за казниви дела на вчерашната седница одлучувал по овој предмет и донел пресуда со која се уважуваат барањата поднесени од страна на осудените преку нивните бранители.
„Пресудата на Апелацискиот суд Скопје од 17 април 2025 година се укинува и предметот се враќа на повторно постапување и одлучување“,
се вели во соопштението од Врховен.
Апелацискиот суд Скопје во април 2025 година на дел од осудените за автобуската несреќа кај Ласкарци им ги зголеми затворските казни, кои Кривичниот суд им ги одреди со првостепената пресуда.
Меѓу обвинетите кои добија повисока казна беше Дурмиш Белули, сопственикот на фирмата „Дурмо турс“, чиј автобус излета од коловозот. Казната од четири години затвор, која Кривичен му ја изрече на Белули, Апелација ја зголеми повеќе од двојно, односно на 10 години.
На одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари, кој претходно беше осуден на шест години затвори, Апелација му ја зголеми казната на 10 години.
Двајцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски и Горан Дуковски, наместо првостепените пет, беа осудени на по седум години затвор.
Казните на третиот вработен во станицата за технички преглед Јане Боваровски и на возачот на автобусот, Маноил Трифуновски, останаа исти – пет, односно 14 години казна затвор.
Со првостепената пресуда, која беше објавена во јануари 2024 година, обвинетите беа прогласени за виновни и добија вкупно 39 години затвор.
Автобуската несреќа се случи на 13 февруари 2019 година, кога автобус на компанијата „Дурмо турс“ излета од автопатот во близина на селото Ласкарци, возејќи на редовна линија од Скопје кон Гостивар, при што загинаа 16 патници, а 38 беа повредени.
Судскиот процес започна истата година кога на обвинителна клупа седнаа газдата на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, управителот на фирмата, возачот на автобусот и уште три лица вработени во станицата за технички преглед каде што бил прегледуван автобусот, инаку, исто така во сопственост на Белули.
