Осврнувајќи се на довербата во судството, Димовска оцени дека клучот за нејзино зголемување е во носењето законити образложени и разбирливи судски одлуки, но и во, како што додаде, поголема отвореност на судовите кон јавноста. Според неа, негативните оценки за судството во земјава доаѓаат не толку поради работата на судиите, колку што е тоа поради негативните коментари
Одговарајќи на новинарско прашање за перцепциите во јавноста поврзани со нејзината независност, односно дека наводно е блиска до актуелната власт, Димовска рече дека нејзината работа и досегашниот професионален ангажман се најдобрата потврда за нејзината независност
Во однос на нејзиниот брат, кој е опфатен во истрага поврзана со т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, Димовска рече дека тоа не може да биде пречка, ниту да влијае врз нејзината работа како судија и претседател на судот
Одржување на ажурноста на судот, намалување на заостанатите предмети, целосна анонимизација на судските одлуки и унапредување на транспратеноста преку нова веб-страница, ќе бидат приоритетите на новоизбраната претседателка на Основниот кривичен суд Скопје, Даниела Димовска.

Димовска, која 14 месеци раководеше со најголемиот суд во државата како в.д. претседателка, денеска пред Судскиот совет даде свечена изјава со што и формлано стапува на функцијата претседателка на Кривичен, на која беше избрана од Советот на седницата одржана на 8 јули.
Во изјава за медиумите, таа рече дека резултатите постигнати во изминатите 14 месеци претставуваат солидна основа за нејзината натамошна работа. Во таа насока, претседателката на Кривичен посочи дека во периодот како в.д. претседател, судот успеал да го намали бројот на стари предмети, како и дека во текот на оваа година немаат ниту еден застарен предмет.
„Со оглед на тоа што веќе 14 месеци ја извршувам оваа функција, денес, единствено со давањето на заклетвата, можам да ветам дека ќе продолжиме со истото темпо и динамика. Во изминатите 14 месеци успеавме да го намалиме приливот на предмети за 4 000. Еден сме од најажурните судови во државата. Успеавме да го намалиме бројот на стари предмети за 53 проценти. Успеавме да немаме ниту еден застарен предмет во текот на оваа година. При крај се и процесите за анонимизација на судските одлуки. Во тек е постапката за добивање одобрение од Судскиот совет за нова веб-страница на Судот“,
кажа Димовска.
Таа, како најголем предизвик во работењето на судот, го наведе недостигот на кадар, посочувајќи дека институцијата функционира со значително намален број вработени.
„За жал, имаме 130 вработени помалку во споредба со периодот пред неколку години. И со овој намален број вработени успеваме да се справуваме со приливот на предмети, меѓутоа најголемиот товар од работата паѓа токму на судската администрација, која не можам да ја изоставам, бидејќи тие се суштинската сила што стои зад судиите“,
изјави Димовска.
Осврнувајќи се на довербата во судството, Димовска оцени дека клучот за нејзино зголемување е во носењето законити образложени и разбирливи судски одлуки, но и во, како што додаде, поголема отвореност на судовите кон јавноста.
Негативните оценки за судството во земјава доаѓаат не толку поради работата на судиите, колку што е тоа поради негативните коментари, смета новата претседателка на Основниот кривичен суд Скопје.
„Сметам дека судот не треба да се правда, меѓутоа дефинитивно одлуките треба да бидат образложени и конзистентни. Тоа е еден од начините преку кои можеме да ја подобриме довербата. Во однос на критиките што често ги слушаме, морам да кажам дека тие силно влијаат врз перцепцијата за судството и дека негативните оцени најчесто доаѓаат не толку поради работата на судиите, колку поради негативните коментари. Сметам дека судството, и покрај тоа што е една од трите власти, не значи дека е на трето место или дека има ‘бронзен медал’. Напротив, тоа е една од трите власти што треба да бидат еднакви. Не само еднакви, туку сметам дека судството треба да биде коректив на законодавната и извршната власт“,
изјави таа.

Одговарајќи на новинарско прашање за перцепциите во јавноста поврзани со нејзината независност, односно дека наводно е блиска до актуелната власт, Димовска рече дека нејзината работа и досегашниот професионален ангажман се најдобрата потврда за нејзината независност.
„Во изминатите 14 месеци, додека ја водам институцијата како вршител на должност претседател, а и претходно во мојата работа, сметам дека на сите што ме познаваат и секојдневно се во судот им покажав дека работам професионално, транспарентно, независно, без притисоци и без привилегирање на која било страна“,
рече Димовска.
Таа вели дека е судија веќе 10 години и дека во текот на нејзината работа можело да се види како постапува и како се однесува. Во тој контекст, додаде дека е отворена за критика и дека нејзината работа е предмет на континуирана оценка и надзор од Судскиот совет.
Во однос на нејзиниот брат, кој е опфатен во истрага поврзана со т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, Димовска рече дека тоа не може да биде пречка, ниту да влијае врз нејзината работа како судија и претседател на судот.
„Во однос на истрагата за мојот брат, во изминатиот период имало многу истраги и постапки. Некои завршиле, некои биле прекинати. Голем дел од луѓето кои биле предмет на истраги денес се на одговорни функции. Затоа воопшто не сметам дека тоа може да биде пречка или да фрли сенка врз мојата работа“,
изјави претседателката на Кривичен.
Димовска денеска даде свечена заклетва пред Судскиот совет, откако на 8 јули беше избрана за претседателка на Основниот кривичен суд Скопје од Советот, по спроведена постапка по јавен оглас. Таа ја доби поддршката на 11 членови на Судскиот совет, а немаше ниту еден глас против. Нејзиниот избор го помина и Бадентеровиот принцип, добивајќи четири гласа „за“ од членовите на Советот кои се припадници на немнозинските заедници.
Визија, менаџерски способности, јасен план за тоа како треба да се управува со скопскиот Кривичен суд беа клучните поенти во излагањата на членовите на Судскиот совет во кои образложија зошто се решиле да го дадат својот глас за судијката Даниела Димовска. Од членовите на Судскиот совет тогаш беше истакнато дека и едногодишното водење на Кривичен како в.д. претседателка придонело Димовска да ги покаже своите менаџерски способности.
Инаку, единствен противкандидат на Димовска на огласот за претседател на Основниот кривичен суд Скопје беше нејзиниот колега од Кривичен, судијата Ивица Стефановски.
Покрај Димовска, свечена изјава пред Судскиот совет денеска даде и Јордан Јованов, избран за судија на Основниот суд Струга.
Воедно, свечени изјави дадоа и Маја Џорлева, Александар Цацков, Мери Гичева, Цона Каламерникова, Јулијана Недкова и Сашко Георгиев, кои се избрани за судии на Апелацискиот суд Штип.
