Димовска, додека траеше постапката за избор на прв човек на најголемиот суд во државата, ја вршеше функцијата в.д. претседател на Кривичниот суд, на која беше избрана во јули минатата година
Таа беше еден од само двајцата кандидати кои се пријавија на огласот за избор на претседател на Кривичен, кој Судскиот совет го распиша пред нешто помалку од една година, односно минатото лето. Нејзин противкандидат беше судијата Ивица Стефановски
Со 11 гласа „за“ и ниту еден „против“, Судскиот совет на денешната седница ја избра судијката Даниела Димовска за претседателка на Основниот кривичен суд Скопје. Димовска доби и четири гласа согласно Бадентеровиот принцип.

Димовска, додека траеше постапката за избор на прв човек на најголемиот суд во државата, ја вршеше функцијата в.д. претседател на Кривичниот суд, на која беше избрана во јули минатата година.
Таа беше еден од само двајцата кандидати кои се пријавија на огласот за избор на претседател на Кривичен, кој Судскиот совет го распиша пред нешто помалку од една година, односно минатото лето.
Пред чинот на гласањето, претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, напомена дека изборот се врши согласно претходниот Закон за Судски совет, а не според новиот кој беше донесен кон крајот на минатата година, бидејќи постапката била започната пред Собранието да го усвои новиот Закон.
Членот на Судскиот совет, Ивица Николовски, како известител за постапката за избор на претседател на Кривичен, даде краток осврт на извештајот на Комисијата која ја спроведе процедурата наведувајќи дека се исполнети условите да се премине на гласање.
Тој, како свој личен став, рече оти му е жал што на огласот се пријавиле само двајца кандидати – Димовска и нејзиниот колега, судијата Ивица Стефановски, бидејќи, според него, станува збор за голем суд, каде што 90 осто од судиите ги исполнуваат критериумите за претседател на Кривичен.
„Комисијата ја спроведе постапката која се состоеше од неколку фази од навремено и уредно доставување на апликација, до вонредно оценување, тестирања, поднесување програма и акционен план и интервјуа со кандидатите. За жал, според мое мислење, апликации доставија само двајца канндидати, бидејќи станува збор за голем суд каде 90 осто ги исплнуваат условите. Нивните апликации беа прифатени како уредни и по спроведување на постапката од Комисијата е доставена предлог-листа од двајца кандидати, и тоа Даниела Димовска, судија, во моментов в.д. претседател на Основниот кривичен суд Скопје, и судијата Ивица Стефановски. Сметам дека се исполнети сите услови и да премине на избор на претседател на Основниот кривичен Скопје“,
рече Николовски.
Без расправа, членовите на Судскиот совет го усвоија извештајот на Комисијата, а потоа се гласаше.
Членовите на Судскиот совет гласаа само за Даниела Димовска, која доби поддршка од 11 гласа „за“ и ниту еден „против“. Дополнително се гласаше и според Бадентеровиот принцип, при што Димовска ги доби четирите гласа од членовите на Советот кои се припадници на немнозинските заедници.

„Имајќи го предвид ваквото гласање. Констатирам дека Советот донесе одлука со која за претседател на Основниот кривичен суд Скопје се избира Даниела Димовска“,
констатира претседателот на Судскиот совет по гласањето.

По ова, секој од членовите на Советот ги образложи причините поради кои се одлучил да гласа Димовска да биде претседателка на Основниот кривичен суд Скопје.
