„Што има заедничко националниот дата-центар за чување податоци на државните институции со комерцијалните дата-центари што Мицкоски ги договора за некој странски инвеститор, со огромна потрошувачка на струја и вода? Апсолутно ништо. Станува збор за две сосема различни работи“, изјави денеска портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) денеска повторно го обвини премиерот Христијан Мицкоски дека, како што велат, „под радарот“, далеку од очите на граѓаните, договора бизниси во која се вклучени стратешките ресурси на Македонија – водатата, струјата, земјата.

Станува збор за продолжение на обвинувањата на опозициската партија во врска со најавите на власта за изгрдба на дата-центри во државава, за што, како што кажа портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, на денешната прес-конференција, секој ден излегуваат нови детали кои го потврдуваат она што тие го говорат – дека власта работи нетранспаретно и крие со кого се договара за овие проекти.
„Мицкоски вели дека сè ќе биде транспарентно, а јавно признава дека преговара со пет-шест инвеститори. Со кого се договара Мицкоски ‘под радарот’ никој не знае. Имиња не се објавуваат. На кого Мицкоски му ги става на располагање водата, земјата и струјата на Македонија? Колку ќе ги чини тоа граѓните? Пари, вода, плодно земјиште? Граѓаните не знаат ништо. Мицкоски работи ‘под радарот’“,
вели Кузеска.
Таа рече дека како партија нема да трошат зборови за кредибилитетот на пратениците кои на прес-конференции го правдаат Мицкоски во врска со ова прашање, но, како што кажа, тврдењата дека комерцијалните дата-центри имаат врска со Реформската агенда со Европската Унија се класична лага.
„Што има заедничко националниот дата-центар за чување на податоци на државните институции со комерцијалните дата-центари што Мицкоски ги договора за некој странски инвеститор, со огромна потрошувачка на струја и вода? Апсолутно ништо. Станува збор за две сосема различни работи“,
изјави портпаролката на СДСМ.
Како што наведе Кузеска, ВМРО-ДПМНЕ свесно ги манипулира граѓаните за да ја прекрие вистинската намера, а тоа, според опозициската партија, е државните ресурси да се стават во функција на приватни интереси за профити и провизии.
„Ова е обид да се оправда нешто што нема никаква врска со европската агенда, туку со тендерски апетити. Зошто постојано мешаат јавни обврски со приватни дата-центри за инвеститори? За приватните инвестиции кои Мицкоски ги договара „под радарот“да ги покријат со европската Реформска агенда која не ја исполнија“,
подвлече Кузеска.
Лидерот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ), Венко Филипче, минатата недела на прес-конференција објави документ од компанија која, како што посочи, тврди дека за изградба на дата-центар во земјава веќе има обезбедено капацитет од 100 мегавати електрична енергија, како и директен пристап до реката Вардар.
Документот, наведе тој, е објавен пред три месеци и е уште еден показател дека Владата работи под маса, без јавноста да биде информирана за проектите и нивното влијание врз ресурсите.
Премиерот Мицкоски, пак, вели дека критиките од опозицијата за изградбата на дата-центрите се, како што кажа тој минатата недела, тотална невистина и доаѓаат од луѓе кои не ја Македонија и сакаат државата да стагнира.
Според него, Владата останува на ваквата стратегија и дека во моментов се преговара со пет до шест потенцијални инвеститори, од кои една е голема мултинационална компанија.
Мицкоски во петокот, одговарајќи на новинарски прашања, изјави дека земјава во делот на Реформската агенда со Европската Унија има проект, во чии рамки Брисел треба да обезбеди грант и евтин заем за изградба на национален дата-центар кој преку системот на интероперабилност ќе ги собере сите институции на едно место.
Според премиерот, со националниот дата-центар, чија изградба е во план, сите институции одеднаш ќе имаат киберзаштита, а не како сега, кога секоја институција се брани самостојно. По неговата изградба, тој ќе се поврзе со веќе постоечкиот дата-центар во Прилепско, за дополнителна заштита на податоците.
