Премиерот вели дека со националниот дата-центар, чија изградба е во план, сите институции одеднаш ќе имаат киберзаштита, а не како сега, кога секоја институција се брани самостојно. По неговата изградба, тој ќе се поврзе со веќе постоечкиот секундарен дата-центар во Прилепско, за дополнителна заштита
Ние веќе имаме еден дата-центар во Прилепско. Во делот на реформската агенда со Европската Унија имаме проект, во рамки на кој тие ќе обезбедат грант и евтин заем, за изградба на национален дата-центар кој преку системот на интероперабилност ќе ги собере сите институции на едно место.

Ова денеска го изјави премиерот Христијан Мицкоски по посетата на манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во Берово, одговарајќи на новинарски прашања во врска со плановите на Владата за изградба на дата-центри во државата и критиките на опозицијата во врска со ова прашање.
Мицкоски вели дека со националниот дата-центар, чија изградба е во план, сите институции одеднаш ќе имаат киберзаштита, а не како сега, кога секоја институција се брани самостојно. По неговата изградба, тој ќе се поврзе со веќе постоечкиот дата-центар во Прилепско, за дополнителна заштита на податоците.
„Примарниот дата-центар ќе го поврземе со секундарниот кој се наоаѓа во Прилепско за да имеме заштита ако не дај Боже, настане упад во системот на интероперабилност, да можеме преку секундарниот дата-центар да ги заштитиме податоците. Терцијарно решение ќе имаме национален клауд каде што за секој случај ќе ги чуваме сите информации од сите институции кои ќе бидат поврзани“,
изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања.
Тој повторно ја обвини опозицијата дека со ставот против изградбата на дата-центри е и против Македонија.
„Додека јас сум претседател на Владата во таа насока ќе ја развивам државата. Кога ќе дојде друга опција, тие имаат марихуана-економија. Гледам јавна дебата на некои од медиумите блиски до опозицијата кои ги испраќаат пораките кој ќе ја плател струјата. Ова е пазарна демократија и пазарно општество – струјата ќе ја плати оној кој ќе ја троши по цена по која ќе ја договори на слободниот пазар. Кога станува збор за системот за ладење, се испраќаат пораки кои се стари 10,15, 20 години. Има сосема поинакви начини на ладење на тие дата-центри во зависност од тоа дали ќе се користат за вештачка интелигенција или за други цели“,
додава претседателот на Владата.
Мицкоски вели дека и политички и како професор и инженер ја поддржува ваквата индустрија бидејќи, како што рече, не постои апсолутно никаква загриженост во врска со изградбата на дата-центрите.
„Тие ќе се градат согласно нациоанлната стратегија затоа што тоа е иднината на човештвото“,
додава тој.
