Од Дирекцијата за заштита и спасување велат дека постои можност невремето да зафати и делови од Куманово

Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) вечерва соопшти дека големо невреме го зафатило регионот северозападно од Куманово. Невремето било проследено со пороен дожд, засилен ветер, грмежи и покрупен град. Според ДЗС, постои можност да зафати и делови од Куманово.
„Внимание! Големо невреме со пороен дожд, засилен ветер, грмежи и покрупен град има северозападно од Куманово! Постои можност да фати делови од Куманово!“,
соопшти ДЗС.
Од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) денеска соопштија дека времето ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност, наместа се очекува да биде и нестабилно со пороен дожд и засилен ветер. УХМР најави дека локално процесите ќе бидат и во форма на невреме со пороен дожд, силен ветер и услови за појава на град.
Од УХМР најавија дека и во главниот град ќе биде топло со мала до умерена облачност. Во попладневните часови наместа ќе има појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во делови од котлината процесите ќе бидат во форма на невгреме со пороен дожд, засилен ветер и услови за појава на град.
