Опозиционерите дополнително обвинуваат дека со влезот на српската Алта банка во земјава, се создава механизам за пренасочување на државните средства кон банка поврзана со финансирање и влијание врз медиумите
Опозицискиот СДСМ бара институциите да истражат и да постапат во врска со, како што велат од партијата, законските сомнежи за влегувањето на српската медиумска машинерија во земјава, за што вчера предупредија петте национални телевизии и јавниот сервис.

Со заобиколување на законите, велат од СДСМ, неколку канали подолг период работат без домашна дозвола, а истиот модел сега се подготвува и со „Еуроњуз Македонија“ и влегувањето на групацијата „Ало“.
„Она што се случува е потврдува на сè она за што СДСМ ја предупредува македонската јавност. Мицкоски, по рецептот на Вучиќ, спроведува операцијата за медиумски мрак и во Македонија. Тоа е шемата на Организираната криминална група и нивната сестринска СНС. Чекор по чекор се гради инфраструктура за политичко, економско и медиумско влијание на концептот на ‘српски свет’ на Вучиќ за кој предупреди и Европскиот парламент“,
изјави на денешната прес-конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Од СДСМ дополнително обвинуваат дека со влезот на српската Алта банка во земјава, се создава механизам за пренасочување на државните средства кон банка поврзана со финансирање и влијание врз медиумите.
„Се отвора простор и за Алта осигурување. Следува контрола врз информациите што стигнуваат до македонските граѓани и медиумски мрак. Задолжени се началникот Драган Павловиќ Латас и Ивона Талевска. Кога нема резултати, пари во Буџетот, ниту подобар живот, кога европската перспектива се блокира, потребна е пропаганда и медумска контрола. Да нема критика, прашања и одговорност, туку само пропаганда“,
додава портпаролката на СДСМ.
Македонската медиумска асоцијација (ММА) и јавниот сервис МРТ вчера излегоа со тврдење дека телевизиските канали Arena M1, M2 и M3 Premium во земјава работат без потребните домашни дозволи, а Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги неправилно ги третира како странски програмски сервиси.
Од АВМУ ги отфрлија ваквите наводи и посочија дека нема незаконско постапување. Според регулаторот, посочените канали се третираат како странски, а не домашни програмски сервиси, бидејќи нивниот изворен сигнал не се емитува од територијата на Северна Македонија.
