ДПМНЕ доби конкретно предупредување уште во мај, а три месеци подоцна Македонија доби епидемија, велат од Левица

Македонија зазеде уште едно срамно европско прво место, обвинува Левица, од каде што посочуваат дека во Европа се регистрирани 429 локално стекнати случаи, а Македонија е четврта на европскиот континент дури и по апсолутен број.
„Пресметано според населението, нашата стапка е околу 1,65 случаи на 100 000 жители, односно највисока меѓу земјите во тој ECDC-пресек, повеќе од 60% над грчката, над четири пати повисока од италијанската и околу 19 пати повисока од шпанската“,
велат од Левица.
Реакцијата следува по најновиот извештај на Институтот за јавно здравје, заклучно со 18 август, кој регистрира 38 случаи на западнонилска треска – кај кои е регистрирана невроинвазивна болест. Од нив 36 се потврдени, а два случаи се суспектни. Вкупно 37 се автохтони. Има и четворица починати.
„Националната инциденца веќе изнесува 2,1 случај на 100 000 жители. Само во една недела, од 12 до 18 август, ИЈЗ регистрирал 12 нови случаи и три нови смртни исходи. Тоа значи дека бројот на регистрирани случаи скокнал од 26 на 38 за само седум дена – раст од 46,2% за една недела. Уште во мај Македонија го имала првиот регистриран човечки случај во европскиот регион за сезоната 2026. Наместо раниот аларм да предизвика максимална мобилизација, вмровскиот локален и здравствен апарат го дочека август со експлозија на заразата“,
се вели во партиската реакција.
Според нив, за неполни два месеца, ВМРО-ДПМНЕ „успеале“ еден ран и јасен здравствен аларм да го претворат во епидемија во главниот град. Додаваат дека западнонилската треска не е заболување за кое институциите првпат слушнаа летово и велат дека граѓаните ги плаќаат институциите за опасноста да биде следена, проценета и сузбиена пред болничките одделенија да станат главниот индикатор дека нешто тргнало катастрофално погрешно.
„ДПМНЕ доби конкретно предупредување уште во мај, а три месеци подоцна Македонија доби епидемија. Од еден случај стигнавме до најмалку 36, од рана појава до европски врв по стапка, од познат сезонски ризик до четири смртни исходи. Тоа е целата хронологија на вмровската способност собрана во едно лето. И колку повеќе Клековски и останатите функционери се обидуваат одговорноста да ја растурат меѓу временските услови, граѓаните и комарците, толку погласни стануваат бројките – четворица починати за една сезона наспроти пет во претходните петнаесет години“,
велат оттаму.
