Пред десеттина дена министерката за образование Весна Јаневска информираше дека бројот на основци во земјава е значително намален и во моментот имаме 4 900 првачиња помалку од лани. Таа напомена дека бројката не е дефинитивна затоа што уште ќе се запишуваат, но останува фактот дека има драстичен пад

Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска изјави дека скопската општина Кисела Вода има прилив на првачиња и додаде дека тоа ја прави особено среќна.
Министерката ова го кажа на настан на кој заедно со премиерот Христијан Мицкоски и градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска беше пуштена во употреба нова спортска сала во основното училиште „Круме Кепески“ во Припор, Општина Кисела Вода.
„Во однос на Кисела Вода, покрај оваа сала, ние градиме сала во ‘Кузман Јосифовски – Питу’, а ќе реконструираме сали во ‘Круме Кепески’ и ‘Кузман Шапкарев’. Дополнително, за целата Oпштина, речиси во целата, во 90 отсто да имаме едносменска настава, ние ќе доградуваме по шест училници во уште три училишта – ‘Кузман Јосифовски – Питу’, ‘Круме Кепески’ и во ‘Рајко Жинзифов’ во Пинтија, со што ќе го обезбедиме она што е приоритет за оваа Влада – едносменска настава за подобар квалитет на наставата во сите општини. Но, еве, Кисела Вода се приближи кон крајот, значи насекаде да го има тоа. Кисела Вода е општина што има прилив на првачиња и тоа нè прави особено среќни. Со тоа се обидуваме и да ги исполниме условите за тие да останат тука“,
рече Јаневска.
Пред десеттина дена министерката информираше дека бројот на основци во земјава е значително намален и во моментот имаме 4 900 првачиња помалку од лани. Таа напомена дека бројката не е дефинитивна затоа што уште ќе се запишуваат, но останува фактот дека има драстичен пад.
Во телевизиско интервју таа изјави дека Министерството ќе го има конечниот број на запишани првачиња до крајот на септември. Јаневска смета дека за намалениот број првачиња во однос на лани влијае, пред сè, падот на наталитетот.
„Генерацијата што сега се запишува во прво одделение е родена во 2020 година, а статистичките податоци покажуваат дека наталитетот во тие години бележи пад. Тоа е една од причините за намалениот број ученици“,
изјави таа во интервју за ТВ „Сител“.
