Пожарот сè уште не е ставен под контрола, меѓутоа вечерва ситуацијата е значително подобрена, а на Халкидики пристигнуваат дополнителни противпожарни сили од повеќе делови на Грција
Вкупно 446 лица, туристи, жители и оние што попладнево беа во приморското место Сивири на првиот крак на Халкидики, по морски пат успешно беа евакуирани поради големиот пожар, јави дописничката на МИА од Атина.
Луѓето се спасувале со чамци и бродови на крајбрежната и противпожарната служба, со приватни и рибарски чамци, но и со траект што сообраќа од Солун до островите од групата Споради.
Пожарот сè уште не е ставен под контрола, меѓутоа вечерва ситуацијата е значително подобрена, а на Халкидики пристигнуваат дополнителни противпожарни сили од повеќе делови на Грција.
Според податоците од крајбрежната служба на Грција, 250 лица од плажата во Сивири се безбедно пренесени во марината во Сани, додека пак 196 лица се во траектот „Спидранер“ кој сообраќа од островите Скијатос, Скопелос и Алонисос до Солун и засега сè уште не е јасно дали ќе бидат префрлени во Солун.
Поради пожарот, во прекин е сообраќајот во поширокото подрачје на Сивири, возилата од Сивири се пренасочуваат кон Касандрија, а од Фурка кон Касандрија, Полихроно и Скиони.
Хаосот настана по големиот шумски пожар што попладнево избувна во крајбрежната туристичка населба Сивири на првиот крак од полуостровот Халкидики во Грција. Огнот избувнал околу 14 часот по локално време и поради ветрот брзо се проширил, приближувајќи се кон домовите. Властите наредија итна евакуација на жителите и туристите од Сивири и од околната населба Фурка, известувајќи ги за состојбата преку СМС-пораки испратени од бројот 112.
