За надминување на кризата и спречување понатамошно ширење на заразата, од опозициската партија бараат формирање Национален оперативен штаб со јасно дефинирана одговорност, изработка на национална GIS-карта за следење на епидемијата и проценка на ризикот, тестирање на комарци за западнонилски вирус, мапирање и уништување на местата за размножување

По здравствената криза во Гостивар, земјата се соочува со нова криза поради епидемијата од западнонилска треска, а здравствените институции повторно задоцнија со реакцијата, обвини денеска на прес-конференција Кети Штерјова од СДСМ.
Според опозициската партија, власта на Христијан Мицкоски покажала дека нема капацитет да превенира и да го заштити здравјето на граѓаните, туку реагира дури откако проблемите ќе ескалираат.
„Западнонилската треска не е нова болест. Комарците не се појавија вчера, климатските услови не се појавија вчера, а ризикот од вектор-преносливи болести не е непознат. Ова веќе е прашање на владина неспособност и институционална неодговорност. Системот за превенција, заштита и контрола едноставно не функционира“,
истакна Штерјова.
Од СДСМ посочија дека во моментов се регистрирани 26 случаи со западнонилска треска, од кои 24 се потврдени, има еден починат, а пет пациенти се на механичка вентилација.
„И наместо Владата да даде одговор како дошло до оваа зараза, зошто не се презеле мерки, јавноста повторно добива уверувања дека институциите преземаат мерки“,
рече таа.
Штерјова праша зошто се чекало да избие епидемија за да се преземат мерки и дали бил извршен навремен ентомолошки мониторинг и тестирање на комарците.
„Зошто епидемија е прогласена само во неколку општини, а не во целата градска целина на Скопје, кој е целосно поврзан град, дали постои национална карта на ризик и мапа на местата каде што се размножуваат комарците, дали е направена проценка на ефектот од прскањето и поврзување на здравствените, климатските и ветеринарните податоци“,
се прашањата на кои Штерјова побара одговор.
Од партијата велат дека не станува збор само за прскање од комарци, туку за сериозни здравствени мерки и системска интервенција.
Велат дека државата има институции за здравство, ветеринарство, животна средина и управување со кризи, и бил потребен само функционален систем што ќе ги поврзе сите овие институции пред да дојде до епидемија.
За надминување на кризата и спречување понатамошно ширење на заразата, од опозициската партија бараат формирање Национален оперативен штаб со јасно дефинирана одговорност, изработка на национална GIS-карта за следење на епидемијата и проценка на ризикот, тестирање на комарци за западнонилски вирус, мапирање и уништување на местата за размножување.
Исто така, велат дека е потребно и објавување дневен јавен извештај за состојбата со епидемијата на ниво на целата држава.
„Справување со епидемија не е само обично прскање против комарци и прес-конференција. Потребен е силен, интегриран системски одговор. Државата мора веднаш да застане во заштита на здравјето на граѓаните“,
додаде Штерјова.
Центарот за јавно здравје – Скопје (ЦЈЗ) вчера прогласи епидемија на западнонилска треска во повеќе скопски општини и наслелби – Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром, Бутел и Илинден, како и во населбите Драчево, Пржино, Долно Лисиче, Кадино и Јурумлери.
Од Клиниката за инфективни болести информираа дека во земјава, од почетокот на годината, се евидентирани 26 пациенти заболени од западнонилска треска, а еден заболен починал. Починатиот пациент бил на 83-годишна возраст од Скопје, кај кого е утврдено и дијагностички потврдено дека има невроинвазивна форма на вирусот западен нил. Пациентот имал и доста придружни заболувања.
