Од полицијата велат дека по завршување на истражните дејствија, јавноста ќе биде соодветно информирана

Министерството за внатрешни работи (МВР) продолжува со повикување на информативен разговор на лица од чии профили на социјалните мрежи вчера се ширеа лажни вести и апели да не се пие водата во Скопје поради наводно присуство на бактеријата ешерихија коли.
„Секторот за компјутерски криминал при МВР презема соодветни мерки и активности, се утврдуваат профилите на лицата и истите се повикуваат на информативен разговор. По завршување на истражните дејствија соодветно ќе ја информираме јавноста“,
велат од МВР во изјава за МИА.
Информациите за наводно присуство на опасната бактерија ешерихија коли во скопскиот водовод се раширија преку социјалните мрежи и за кратко време предизвикаа страв и паника кај граѓаните.
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, вчера ги отфрли како лажни наводите што беа пласирани на социјалните мрежи – дека водата од скопскиот водовод е загадена со ешерихија коли. На заедничка прес-конференција со претставници на ЈП „Водовод и канализација“, тој им порача на скопјани да бидат спокојни бидејќи пијат безбедна вода. Потоа побара чаша вода наполнета од чешма и ја испи пред камерите.
Синоќа и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, повикувајќи се на информации од МВР, рече дека повеќе луѓе се повикани на информативен разговор во врска со наводите дека водата во Скопје е небезбедна и загадена со бактеријата ешерихија коли.
