Според министерот за надворешни работи и надворешна трговија, СДСМ ја наметнал тезата дека водата во главниот град е бактериолошки неисправна, што, како што оцени, е многу опасна траекторија по која се движи опозициската партија
Повеќе луѓе се повикани на информативен разговор во врска со наводите дека водата во Скопје е небезбедна и загадена со бактеријата ешерихија коли. Ова вечерва во интервју за телевизија Сител го изјави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски повикувајќи се на информации од МВР.

За ширењето дезинформации за квалитетот на водата во Скопје, вели тој, мора да има одговорност.
„Како што сум информиран, Министерството за внатрешни работи има повикано повеќе лица на информативен разговор. Според мене, мора да има одговорност за ова што се случи. Не може туку-така да се споделуваат таков тип информации и да се шири масовна хистерија и паника кај граѓаните“,
изјави Муцунски во интервјуто за Сител.
Според него, СДСМ ја наметнал тезата дека водата во главниот град е бактериолошки неисправна, што, како што оцени, е многу опасна траекторија по која се движи опозициската партија.
„Седум години го уништуваа системот за граѓаните да немаат доверба во него. Кога се обидуваме да го изградиме системот на стабилен начин, преку лажни вести и дезинформации, шират паника. Ова што се случи денес е на ниво некој да влезе и да каже дека во најголемиот трговски центар има бомби, а можеби и поопасно“,
додаде министерот за надворешни работи и надворешна трговија.
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска ги отфрли како лажни наводите што беа пласирани на социјалните мрежи – дека водата од скопскиот водовод е загадена со ешерихија коли. На заедничка прес-конференција со претставници на ЈП „Водовод и канализација“, тој им порача на скопјани да бидат спокојни бидејќи пијат безбедна вода. Потоа побара чаша вода наполнета од чешма и ја испи пред камерите.
