Судија на Основниот граѓански суд, наместо да ја исполни уставната должност да одлучува врз основа на Уставот, законите и меѓународно ратификувани меѓународни спогодби, одлучил дека Законот за парнична постапка не предвидува експлицитен основ дека одлука на Уставниот суд не претставува основ за повторување на постапката, и со тоа му дал предност на Законот наместо на Уставот, се вели во реакцијата на Уставниот суд

Откако вчера Судскиот совет и Здружението на судии повикаа на заштита на судиската независност, Уставниот суд денеска им порача дека и тој е за принципот на владеењето на правото – но истовремено наведе и дека Уставот е над законите.
Хронолошки, Уставниот суд појаснува дека утврдил повреда на слободата на јавно изразување на мислата на Наташа Стојановска сторена со пресуди на Основниот граѓански суд во Скопје и Апелацискиот суд Скопје. За случајот „27 април“, судовите ѝ го одбиле тужбеното барање на подносителката во целост, меѓу другото, и за повреда на слободата на изразување. Кога Стојаноска побарала извршување на одлуката на Уставен, за заштита на својата слобода, била одбиена. Следствено на тоа и на барање на странката, Судот ги искористил правните механизми за извршување на неговите одлуки, велат оттаму.
„Уставниот суд го усвои барањето на странката и донесе посебно Решение со кое утврди дека Одлуката на Уставниот суд за повреда на уставно загарантираната слобода на странката не е извршена и за тоа ги извести Јавното обвинителство и Судскиот совет. Токму на овој начин Уставниот суд придонесува кон владеењето на правото – принципот за кој во своето соопштение се залагаат и Судскиот совет и Здружението на судии“,
велат од Уставен.
Оттаму наведуваат дека Уставниот суд има посебна уставна положба и не подлежи на начелото на поделба на власта. Велат дека имало примери кога застанувале на страната на институционалната и материјалната независност на судската власт, но:
„Независноста при судиското одлучување не може да се толкува како можност конечните и извршните одлуки на Уставниот суд да бидат ставени под повторна оценка, релативизирани или нивното правно дејство да биде одложено“,
се вели во соопштенеито.
Од Уставниот суд додаваат и дека судската независност не може да биде оправдување за непочитување на Уставот.
„Неспорен факт, утврден од Уставниот суд, е дека судија на Основниот граѓански суд, наместо да ја исполни уставната должност да одлучува врз основа на Уставот, законите и меѓународно-ратификувани меѓународни спогодби, одлучил дека Законот за парнична постапка не предвидува експлицитен основ дека одлука на Уставниот суд не претставува основ за повторување на постапката, и со тоа дал предност на Законот наместо на Уставот, во кој јасно е определен правниот карактер на одлуките и правното дејство на одлуките на Уставниот суд.
велат оттаму.
Ниту еден закон не е над Уставот. Законот и неговите празнини, недоречености, треба да се толкуваат низ призмата на целовитоста на Уставот, смислата, словото и духот на Уставот, а не обратно. Пропуштањето на Законодавецот ова прашање да го уреди во Законот за парнична постапка на ниту еден начин не значи и не може да биде основ за игнорирање на уставно определените карактеристики на одлуките на Уставниот суд, нивната извршност, конечност и општа задолжителност“,
Напоменуваат и дека неправосилноста на одлуката не ја суспендира конечноста и извршноста на одлуката на Уставниот суд.
„Фактот дека решението не е правосилно и против него е изјавена жалба за која треба да одлучува надлежниот второстепен суд, на ниеден начин не можат да ја променат фактичката состојба дека судија на Основниот граѓански суд не извршил одлука на Уставниот суд. Не само што не ја извршил одлуката на Уставниот суд, со неговото постапување ја игнорирал и практиката на Европскиот суд за човекови права на која всушност се темели одлуката на Судот. Со неговото постапување ја игнорирал и веќе воспоставената судска практика врз која Судот изминатиот период ја втемелил праксата на ЕСЧП во своите одлуки во кои утврдил повреда на слободите и правата на човекот и граѓанинот“,
се вели во соопштението.
Од Уставен порачуваат дека односот кон другите власти не е однос на надреденост, туку одржување на состојбата на уставноста, и оттука извршувањето на тамошните одлуки за нив не претставуваат извршување на одлука на државен орган, туку постапување во согласност со Уставот.
За потсетување, минатата недела Уставен ги извести Јавното обвинителство и Судскиот совет дека судија од Основниот граѓански суд Скопје, не спровел негова одлука и ја отфрлил како нов доказ во постапка за загрозување на безбедноста на новинарката Наташа Стојановска за случајот „27 април“. Потегот создаде лавина реакции и отвори правна дебата за тоа дали Уставниот суд задира во судската независност.
Судскиот совет и Здружението на судии повикаа на внимателност и воздржаност, оти постапката не е готова и се одлучува по изјавена жалба, a оцената за нејзината законитост е исклучива надлежност на второстепениот суд.
Мислењата за одлуката на Уставниот суд се поделени во правната фела.
