Не велам дека конкретниот судија треба однапред да биде прогласен за виновен или одговорен. Но, мора да се утврдат сите факти во постапувањето, вели адвокатката Павлина Зефиќ во продолжение на правната дебата за одлуката на Уставен за која денеска реагираа Судскиот совет и Здружението на судии
Ако Судскиот совет смета дека сега не треба да расправа за да не влијае врз Апелациониот суд – нека почека, вели адвокатката. Но, потенцира таа, потоа должат расправа

Одговорноста на поединечен судија не може секогаш да се брани со независноста, вели адвокатката Павлина Зефиќ, откако Судскиот совет и Здружението на судии денеска практично застаа зад граѓанскиот судија што не спровел одлука на Уставниот суд.
За потсетување, минатата недела Уставен ги извести Јавното обвинителство и Судскиот совет дека судија од Основниот граѓански суд Скопје, не спровел негова одлука и ја отфрлил како нов доказ во постапка за загрозување на безбедноста на новинарката Наташа Стојановска за случајот „27 април“.
Денеска, Судскиот совет и Здружението на судии повикаа на внимателност и воздржаност, оти постапката не е готова и се одлучува по изјавена жалба, a oценката за нејзината законитост е исклучива надлежност на второстепениот суд.
„Го читам соопштението на Судскиот совет и реакцијата на Здружението на судии по повод одлуката на Уставниот суд. Главниот аргумент е – одлуката на судијата не била правосилна, по неа допрва требало да одлучува Апелациониот суд и затоа сите институции треба да бидат внимателни за да не се создаде впечаток дека влијаат врз исходот на постапката. Во ред. Никој не спори дека судијата треба да биде независен и дека никој не смее да му кажува како да одлучува. Но, читајќи ги ваквите соопштенија, сите забележаме дека постојано го слушаме зборот независност, а многу ретко зборот одговорност. И затоа довербата на граѓаните во правосудството е на дното“,
објави адвокатката Зефиќ.
Според неа, не може независноста да значи дека судијата може да занемари конечна и извршна одлука на Уставниот суд.
„Во последно време Уставниот суд се обидува преку своите одлуки да ги применува стандардите на Европскиот суд за човекови права и да им овозможи на граѓаните заштита дома, наместо правдата со години да ја бараат во Стразбур, што е за поздрав. Ама што добиваме од тоа ако на крај некој едноставно одлучи таквата одлука да не ја почитува? И кој ја плаќа цената додека ние си дебатираме за двостепеност, независност и надлежности? Граѓанинот е тој што повторно ја чека правдата и чека да поминат години за право за кое веќе го добил со конечна одлука од Уставниот суд. Не велам дека конкретниот судија треба однапред да биде прогласен за виновен или одговорен. Но мора да се утврдат сите факти во постапувањето“,
вели таа.
Ако Судскиот совет смета дека сега не треба да расправа за да не влијае врз Апелациониот суд – нека почека, вели адвокатката. Но, потенцира таа, потоа должат расправа.
„И не можеме секогаш кога ќе се постави прашањето за одговорност на судија да одговараме само со ‘судиска независност’. Судскиот совет не постои само за да ја брани независноста, туку и да се занимава со одговорноста на судиите, кога за тоа има основ. Затоа мислам дека Судскиот совет ѝ должи на јавноста расправа за овој случај. Ако не денес – по одлуката на Апелација. Граѓаните, а и фелата, очекуваат одговори што се случува кога конечна и извршна одлука на Уставниот суд едноставно нема да биде спроведена. Ако одговорот е – ништо, тогаш проблемот е многу поголем од овој конкретен предмет“,
заклучува таа.
Дебатата тргна откако Уставниот суд соопшти дека утврдил повреда на слободите и правата на новинарката Наташа Стојановска и го уважи барањето на подносителката за повторување на постапката.
Од Уставниот суд рекоа дека по првпат од своето постоење го применуваат овој механизам за извршување на одлуките, кој им овозможува заштита на сопствените одлуки. Оттаму наведоа дека случаите како тој на Стојановска треба да се согледуваат низ призмата на целовитоста на Уставот и дополнија дека во Основниот граѓански суд веќе имало воспоставено практика да се земаат предвид одлуките на Уставниот суд кои се однесуваат на заштитата на слободите и правата.
