„Се надеваме дека деновиве, можеби утре или задутре, ќе се состане Централниот кризен штаб и ќе ја информира јавноста дека водата во Гостивар дефинитивно е безбедна за пиење“, вели координаторот на Локалниот кризен штаб

Квалитетот на водата во гостиварскиот водовод е речиси безбедна за користење и пиење, информираат од Локалниот кризен штаб. Микробиолошките анализи подолго време покажуваат поволни резултати, а последните мерења потврдуваат дека и зголеменото ниво на хлор, кое се користеше за дезинфекција, веќе се враќа во дозволените граници.
Координаторот на Локалниот кризен штаб, Зуди Џелили, во изјава за МИА вели дека одлуката за целосно повлекување на забраната за пиење треба да ја донесе Централниот кризен штаб по завршувањето на последните испитувања.
„Се надеваме дека деновиве, можеби утре или задутре, ќе се состане Централниот кризен штаб и ќе ја информира јавноста дека водата во Гостивар дефинитивно е безбедна за пиење“,
изјави Џелили.
Тој додава дека се работи на завршување на резервоарот во селото Горна Бањица, со што значително ќе се подобри снабдувањето во јужниот дел од општината во кој се населбите Горна и Долна Бањица, Циглана, Фазанерија.
Состојбата во Општина Гостивар се надминува преку снабдување со вода од цистерни, а на граѓаните им се дистрибуира пакувана вода. Денес, стручни екипи претпладне зедоа примероци од водата на седум пунктови низ градот и ги испратија на испитување.


Инаку, гостиварци повеќе од четири недели се без пивка вода за пиење. Според последните информации од Главниот штаб за управување со кризи, водата во Гостивар смее да се користи само како техничка, но не и за пиење и за приготвување храна.
Дека има подобрување на квалиетот на водата во Гостивар викендов потврди и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, кој рече дека последните анализи покажуваат подобрување на квалитетот во споредба со претходните мерења, но дека е потребно дополнително време таа да биде прогласена за безбедна за пиење.
Министерот за здравство Сашо Клековски во телевизиско интервју минатата недела кажа дека анализата на водата за пиење во Гостивар ќе биде објавена до 20 август.
