Превозниците се надеваат дека на состанокот во Брисел ќе се најде решение за проблемот затоа што, велат, протестите не му одат во прилог никому

Здруженијата на превозници од Западен Балкан ќе чекаат до 1 септември кога во Брисел е закажан состанок на повисоко ниво со претставници на Европската комисија, од чиј исход ќе зависи дали ќе преминат кон протести. Тие денеска во Скопје одржаа регионална средба на која разговараа за проблемот со кој се соочуваат во однос на ограничениот престој во земјите од Шенген-зоната на 90 дена во период од 180 дена.
Тие велат дека не сакаат да протестираат, но ако бидат принудени, ќе го преземат овој чекор со тоа што протестите нема да прекинат како минатиот пат, туку ќе траат до исполнување на нивните барања за престој на професионалните возачи во Шенген-зоната.
„Ние ќе бидеме трпеливи, ќе се трудиме да направиме шеми за движење на возачите. Сега е период на годишни одмори, меѓутоа она што следува од септември натаму ќе биде многу трагично ако не најдеме решение. Не сакаме да му наштетиме на никого, ниту на Европска Унија, ниту на нашите држави, а најмалку на нас самите, превозниците, но ако сме принудени, ќе организираме протести со коишто уште еднаш ќе ги потсетиме сите дека сепак постои проблем којшто треба да се реши“,
изјави Биљана Муратовска, генерален секретар на Асоцијацијата на превозници „Макам-транс“.
Превозниците се надеваат дека на состанокот во Брисел ќе се најде решение за проблемот затоа што, велат, протестите не му одат во прилог никому.
Неџо Мандиќ од Србија рече дека одлуките за протести се донесени во земјите и на ниво на управни одбори. Тој кажа дека превозници не сакаат да протестираат бидејќи тоа се одразува на целото општество, но ако бидат принудени – ќе мора да излезат.
„Искрено се надеваме и посакуваме тоа да не се случи“,
изјави Мандиќ.
Здруженијата на превозници се согласни да не се менува договорот за престој во Шенген-зоната, но бараат да се почитува стриктно правилото 90 дена престој во последните 180 дена, односно минутата да биде минута, часот да биде час.
Бараат и прецизен рок кога нивниот проблем ќе биде решен.
„Значи, ги бараме своите 90 полни денови. Ако останат на тоа денот на влез да се пресметува како прв ден, а денот на излез како втор ден, тогаш сме во сериозен проблем и тогаш проблемот нема да биде решен бидјеќи ние не сме обични граѓани кои одат туристички во државите од Шенген-зоната, туку сме професионалнци кои секојдневно, зависно од должината на турата, работиме“,
нагласи Мандиќ.
Вели дека тие веќе се соочуваат со проблем, односно 50 проценти од возачите одбиваат да возат зашто немаат сигурност што ќе се случи на граница и дека сè зависи од волјата на вработените на граничните премини кои различно ја толкуваат одлуката 90/180.
„Зависиме од поединци на граница и од начинот на кој ја толкуваат одлуката. Имаме тотална неизвесност. Возачите тргнуваат на пат и знаат дека го немаат потрошено времето, но кога ќе дојдат таму, еден ќе им каже едно, друг друго, еден ќе ги пушти, друг нема. Тргуваат како да се на пазар – можам да те пуштам уште три дена, можам уште пет дена – а во суштина возачот знае дека не направил прекршок“,
вели Мандиќ.
Со проблемот се соочуваат околу 17 000 професионални возачи од земјава, а на ниво на држави од Западен Балкан бројката се искачува на 100 000.
Македонските, како и професионалните возачи на камиони од Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, од крајот на минатата година се соочија со проблем откако почна воведувањето на системот за влез и за излез од Европската Унија (ЕЕС), според кој превозниците од Западен Балкан се регистрираат како туристи и можат да останат во земјите од ЕУ најмногу 90 дена, во период од 180 дена.
Министерот за транспорт Александар Николоски во јули изјави дека проблемот со професионалните возачи земјава го решава самостојно преку билатерални разговори со држави од Европската Унија, а не заедно со другите земји до Западен Балкан бидејќи, според него, ова прашање се злоупотребува од дел од нив за политички цели.
Во рамките на овие разговори, додаде Николоски, договори со кои на извесен начин се решава проблемот на возачите се постигнати со Хрватска, Швајцарија и Романија, а во завршна фаза се решенијата од разговорите со Словенија, Австрија и Германија.
