Според ДУИ, спорни се датумите на стекнување на овие акции, кои според анкетниот лист се купени на 22 април 2026 година – период кога Рама веќе ја извршувал директорската функција во оваа државна компанија

Демократската унија за интеграција (ДУИ) преку соопштение побара од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) да го испита потеклото на имотот на Недим Рама, директор на АД „Номагас“ и близок соработник на Изет Меџити, откако во неговиот анкетен лист биле пријавени акции во странски гиганти, меѓу кои и германскиот производител „Mercedes-Benz Group AG“.
Според ДУИ, спорни се датумите на стекнување на овие акции, кои според анкетниот лист се купени на 22 април 2026 година – период кога Рама веќе ја извршувал директорската функција во оваа државна компанија.
„Ова не се приватни прашања. Недим Рама раководи со стратешка државна компанија и секое позначително зголемување на имотот на јавен функционер за време на неговиот мандат мора да има јасно и проверливо потекло. Прашањето е едноставно: Како директорот на ’Номагас’, за време на својот мандат, обезбедил капитал за инвестиции во ’Мерцедес’ и други меѓународни компании?“,
прашуваат од ДУИ.
Од партијата бараат надлежните институции да утврдат со кои пари Рама купувал акции, од која сметка се префрлени средствата, колкава е точната вредност на инвестицијата во „Mercedes-Benz Group AG“, дали сите инвестиции се пријавени во законскиот рок, како и дали постојат други инвестиции во странство кои сè уште не се пријавени.
ДУИ го повика и Рама јавно да излезе и да објасни од каде се парите за овие инвестиции.
Инаку, ова не е првпат ДУИ да побара од ДКСК да отвори истрага за директорот на „Номагас“, Недим Рама. Изминатите месеци во неколку наврати преку соопштенија објавуваа документи и го обвинуваа дека стекнал значителен имот и финансиски капитал додека бил вработен во Општина Чаир како советник на Изет Меџити.
Од ДУИ во мај годинава побараа одговори за тоа како Рама од рент-а-кар бизнис стигнал до луксузни апартмани во Маврово без притоа да пријави никаков имот во анкетниот лист до Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).
Според ДУИ, Рама се јавува и како косопственик на компанијата за изнајмување автомобили ЛИНЕ ЛТД ДОО Скопје, заедно со Анид Шазивари, за кого тврдат дека е партиски донатор на партијата Влен. Според ДУИ, оваа фирма се наоѓа на официјалната листа на рент-а-кар компании на Меѓународниот аеродром „Скопје“.
