Според тврдењата на ДУИ, Висар Ганиу и Недим Рама се поврзани со парцела која е регистрирана на иста локација и на која е евидентиран комплекс од седум викенд-куќи. Повикаа Државната комисија за спречување на корупцијата, Финансиската полиција, Управата за јавни приходи и Обвинителството итно да го испитаат случајот
Опозициската Демократска унија за интеграција денеска објави документи од Агенцијата за катастар кои, како што тврди, отвораат сериозни сомнежи за имотно-правните и деловните односи меѓу поранешниот градоначалник на Чаир, Висар Ганиу, и актуелниот директор на „Номагас“, Недим Рама, кого ДУИ го обвинува дека стекнал значителен имот и финансиски капитал додека бил вработен во Општина Чаир како советник на Изет Меџити.

Според тврдењата на ДУИ, Висар Ганиу и Недим Рама се поврзани со парцела која е регистрирана на иста локација и на која е евидентиран комплекс од седум викенд-куќи. Повикаа Државната комисија за спречување на корупцијата, Финансиската полиција, Управата за јавни приходи и Обвинителството итно да го испитаат случајот.
„Според официјалните податоци од Катастарот, во имотен лист бр. 730 за катастарска општина Лисец-Вонград, како носители на правото се заведени Висар Ганиу и Недим Рама. Двајцата се поврзани со парцелата 1/455, регистрирана на истата локација. За истата парцела е отворен и лист за предбележување на градба бр. 1213, каде што како носител на правото е заведен Висар Ганиу. На оваа парцела се евидентирани седум објекти со намена ‘А4-3 – викенд куќи’. Значи, не станува збор за обичен имот, туку за комплекс од повеќе викенд-објекти поврзани со лица кои до вчера управуваа со локалната власт, а денес раководат со стратешки државни институции“,
велат од опозициската ДУИ.
Оттука, од партијата прашуваат кога и како е воспоставена оваа имотно-правна врска помеѓу Ганиу и Рама, со какви финансиски средства е реализирана изградбата на седумте викенд-објекти, дали овие имоти се пријавени во анкетните листови и во изјавите за имотна состојба, како и дали постојат други деловни односи помеѓу лицата кои, како што велат од ДУИ, денес контролираат значајни јавни функции.
„Ова не е политичко прашање, туку прашање на потекло на имотот, транспарентност и можен судир на интереси кај лица кои со години управувале со јавни буџети, а денес раководат со институции од стратешко значење“,
додаваат од партијата.
