Од партијата потсетуваат дека јавноста сè уште чека одговори за тоа како Рама од рентакар бизнис стигнал до луксузни апартмани во Маврово без притоа да пријави никаков имот во анкетниот лист до Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). Денеска, од ДУИ велат дека фокусот го ставаат на начинот на кој се рекламира овој имот

Демократската унија за интеграција (ДУИ) денеска излезе со нови обвинувања на сметка на директорот на НОМАГАС, Недим Рама, отворајќи прашања за, како што велат, „медиумска-бизнис мрежа која стои зад промоцијата и заштитата на неговиот капитал“.
Од партијата потсетуваат дека јавноста сè уште чека одговори за тоа како Рама од рентакар бизнис стигнал до луксузни апартмани во Маврово без притоа да пријави никаков имот во анкетниот лист до Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). Денеска, од ДУИ велат дека фокусот го ставаат на начинот на кој се рекламира овој имот.
Според ДУИ, јавно достапните документи и имотни листови покажуваат дека Недим Рама и лицето Л.Х. се поврзуваат со недвижности во атрактивен туристички комплекс во Маврово. Паралелно со ова, партијата тврди дека токму Л.Х., преку својата компанија за дигитално видеорекламирање „Висион медиа“, ги промовира апартманите на Рама на дигиталниот видеобим на плоштадот „Македонија“ во Скопје.
„’Висион Медиа’ е компанија во сопственост на Л.Х. и ‘Страто Консалтинг’, чиј сопственик пак е Б.М. – основач на еден веб-портал близок со Изет Меџити. Токму овој портал е еден од медиумите кои постојано се рекламираат на овие видеобимови. Се отвора прашањето: дали станува збор за случајна деловна соработка или за затворен круг на бизнис, медиумско и политичко влијание?“,
прашуваат од ДУИ.
Од ДУИ велат дека, според вкупниот финансиски извештај од трансакциската сметка за локалните избори во 2025 година, коалицијата Влен најмногу средства за рекламирање на веб-портали исплатила токму на овој портал – сума од 580 820 денари.
Партијата упати прашања за тоа колкав реален приход остварува директорот на НОМАГАС од издавањето на апартманите, дали тие приходи се уредно пријавени и оданочени и дали можат да ја оправдаат скапата рекламна кампања во центарот на градот.
Од ДУИ упатија порака до надлежните институции да не молчат и побараа детално да се истражат финансиските текови, сопственичките врски и политичко-медиумските релации околу овој случај.
Од ДУИ и изминатите денови изнесуваа тврдења дека има скриен имот и судир на интереси на Недим Рама, соработник на Изет Меџити. Според партијата, Рама не пријавил сопственост во фирма и остварувал приходи од институции каде што истовремено работел.
Претходно го обвинија Рама тврдејќи дека тој повеќе од четири месеци одбива да поднесе анкетен лист за неговата имотна состојба до Антикорупциската комисија (ДКСК).
Вчера, пак, рекоа дека Рама се јавува како косопственик на компанијата за изнајмување автомобили ЛИНЕ ЛТД ДОО Скопје, заедно со Анид Шазивари, за кого тврдат дека е партиски донатор на коалицијата Влен. Според ДУИ, оваа фирма се наоѓа на официјалната листа на рентакар-компании на Меѓународниот аеродром „Скопје“.
