Од СДСМ велат дека по физичките напади во Ново Село, сега партискиот подмладок е цел на нови напади со, како што тврдат, лаги, навреди и украдени полициски документи кои владејачката ВМРО-ДПМНЕ ги добила од полициската станица во Струмица.
„Бараме од Јавното обвинителство веднаш да отвори истрага и да поднесе кривична пријава против: полициски службеници од Полициската станица Струмица, кои неовластено извадиле и предале доверливи полициски податоци, Панче Тошковски, министер за внатрешни работи, кој како прв човек на МВР сноси одговорност за злоупотребата на полицијата, Валентин Манасиевски, кој јавно ги објавил тие податоци и ги искористил за јавен линч врз младите“,
изјави Христијан Ефтимов од СДСМ.
Од опозициската партија бараат Внатрешната контрола на МВР итно да утврди кој им овозможил пристап на функционери на ВМРО-ДПМНЕ до службена тајна и кој ставил потпис и порачуваат дека доколу институциите не постапат, СДСМ ќе поднесе кривична пријава.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ објави видео на кое поединично беа посочени дел од луѓето кои во Ново Село застанаа на прес-конференција со лидерот на СДСМ, Венко Филипче, по инцидентот што се случи претходно.
За лицата на видеото беа објавени и податоци за местото на живеење и возраста, како и за кое кривично дело биле пријавени. Притоа, ВМРО-ДПМНЕ објави и сегмент од видео со тепачка во која тврдат дека учествувало едно од посочените лица.
