Законот за пристапност на веб-страниците и мобилните апликации на институциите од јавниот сектор, на чие спроведување повикува ресорниот министер, предвидува веб-страниците и мобилните апликации да овозможуваат користење со тастатура, гласовна контрола и асистивни уреди, нивните функции да бидат јасни и предвидливи, а содржините соодветно обработливи од асистивните технологии
Институциите од јавниот сектор имаат рок до 31 декември годинава постојните веб-страници и мобилни апликации да ги усогласат со стандардите за дигитална пристапност, односно да ги направат дигитално пристапни за сите граѓани, особено за лицата со попреченост. Ова денеска го изјави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, обраќајќи се на настан во Собранието по повод Меѓународниот ден на белиот стап.

Пристапната средина, вели Андоновски, не се однесува само на физичкиот простор, туку и на дигиталните услуги преку кои граѓаните добиваат информации, поднесуваат барања и пристапуваат до услугите на институциите.
„За слепите и за лицата со оштетен вид, пристапната електронска услуга може да значи самостојно читање информации, пополнување образец или добивање документ. Тоа значи заштедено време, помала потреба од туѓа помош и поголема приватност при користењето на личните податоци“,
порача Андоновски.
Законот за пристапност на веб-страниците и мобилните апликации на институциите од јавниот сектор, на чие спроведување повикува ресорниот министер, предвидува веб-страниците и мобилните апликации да овозможуваат користење со тастатура, гласовна контрола и асистивни уреди, нивните функции да бидат јасни и предвидливи, а содржините соодветно обработливи од асистивните технологии. Предвидени се и пристапни алтернативи, меѓу кои текстуални описи на слики, аудиоописи, наслови, транскрипти и алтернативни формати.
„Институциите имаат обврска да објавуваат изјава за пристапност и да овозможуваат пријавување проблеми. Ова е значаен чекор, а неговата вредност треба да се чувствува при секое користење на јавните услуги. Затоа нашата работа продолжува преку следење на примената, поддршка на институциите и соработка со корисниците“,
рече Андоновски.
