„Во текот на вчерашниот ден се добиени писмени информации од Институтот за јавно здравје, Општина Гостивар, Јавното претпријатие ‘Комуналец’ и Центарот за јавно здравје. Меѓутоа, тие не се целосни бидејќи не ги содржат сите релевантни податоци и околности во врска со проблемот за загадувањето на водата. Од тие причини, Народниот правобранител ќе се обрати и до други надлежни институции со цел да се добијат конкретни информации“, велат од неговата канцеларија
Народниот правобранител отвори предмет по сопственана иницијатива за загадувањето на водата во Гостивар, објави ТВ Сител.

Како што соопштија од неговата канцеларијата, преку предметот ќе се утврдува како дошло до нарушување на правото на граѓаните за чиста вода за пиење.
За таа цел се побарани информации од Институтот за јавно здравје, Општина Гостивар, Јавното претпријатие „Комуналец“ и Центарот за јавно здравје.
„Во текот на вчерашниот ден се добиени писмени информации од овие институции. Меѓутоа, тие не се целосни бидејќи не ги содржат сите релевантни податоци и околности во врска со проблемот за загадувањето на водата. Од тие причини, Народниот правобранител ќе се обрати и до други надлежни институции со цел да се добијат конкретни информации“,
соопштија од канцеларијата на Народниот правобранител.
Случајот со водата во Гостивар влезе и во фокусот на невладиниот сектор и организациите за борба против корупцијата.
„Транспаренси интернешнл“ во својот најнов извештај го рангира во најконтроверзните настани, кој, како што велат, е сериозен индикатор за можни системски слабости.
Раководителот на Управувачкиот комитет и министер за внатрешни работи Панче Тошковски пред два дена на прес-конференцијата по состанокот на Главниот штаб за управување со кризи соопшти дека водата во Гостивар сѐ уште не е безбедна за пиење и смее да се користи исклучиво како техничка.
Посочи дека квалитетот на водата и понатаму варира поради што остануваат во сила претходните препораки, а водата не смее да се користи за пиење и за приготвување храна.
Основното јавно обвинителство Гостивар на 20 јули соопшти дека отвора истражна постапка против в.д. директорката на Јавното претпријатие „Комуналец“-Гостивар, Артана Асани, како и против технички раководител на Сектор за технички работи и раководителот на Одделението за водовод, канализација и градежни работи во Јавното претпријатие.
Обвинителството ги сомничи за тешки дела против животната средина и природата предизвикани со дејствија на загадување на вода за пиење. Според Обвинителството, тие со штетна матeрија ја направиле неупотреблива водата за пиење во преливната комора на системот кој ја снабдува со вода Општина Гостивар и дел од околните села.
