Манифестацијата „35 години независност на Македонија“ започнува на 2 август – Илинден во Битола, а ќе заврши на 8 септември во Скопје со концерт на Дејвид Гета
Легендите на електронската музика Пол Ван Дајк и Пол Окенфолд ќе настапат во Струмица на 16 август, во рамки на одбележувањето на 35 години од независноста на Македонија. Концертот, кој ќе се одржи во Градскиот парк, ќе биде со слободен влез за сите посетители.
Настанот беше најавен денеска на прес-конференција во Струмица од владината портпаролка Марија Митева и Бобан Милошески, основач и сопственик на „Авалон продукција“.

Митева истакна дека одбележувањето на 35-годишнината од независноста ќе се реализира во повеќе градови низ државата, со цел што поголем број граѓани да бидат дел од прославата.
„Особена чест и задоволство ми е што токму од Струмица го најавуваме уште еден голем настан во рамки на одбележувањето на 35 години независност. Од самиот почеток ветивме дека прославата нема да биде концентрирана само на едно место, туку ќе се одржува низ повеќе градови, за што повеќе граѓани да имаат можност достоинствено да го одбележат овој значаен јубилеј“,
рече таа.
Бобан Милошески од „Авалон“ рече дека станува збор за еден од најзначајните музички настани во рамки на програмата за одбележување на јубилејот.
„Уште на почетокот најавивме дека прославата ќе трае еден месец и ќе понуди серија големи настани. На 16 август во Градскиот парк во Струмица заеднички ќе настапат Пол Ван Дајк и Пол Окенфолд – две од најголемите имиња на светската електронска музичка сцена. Верувам дека ова е настан од големо значење не само за Македонија, туку и за целиот регион“,
кажа Милошески.
Манифестацијата „35 години независност на Македонија“ започнува на 2 август – Илинден во Битола, а ќе заврши на 8 септември во Скопје со концерт на Дејвид Гета.
Во текот на целиот период ќе бидат организирани многубројни музички и културни настани во повеќе градови низ државата.
