Одговарајќи на новинарско прашање за тоа колкава е финансиската конструкција за целата прослава и како е избран „Авалон“ за пратнер, владината портпаролка Марија Митева денеска изјави дека како влада немаат што да кријат во однос на организацијата и дека се ќе објават, откако ќе завршат со најавите на сите настани
На 1 септември на градскиот плоштад во Скопје во рамките на програмата за одбележување на 35 години од независноста на Македонија, ќе се одржи концерт на кој ќе настапи еден од најголемите оперски пејачи на сите времиња, шпанскиот тенор Хозе Карерас.

Покрај него, на концертот ќе настапат и повеќе македонски музучки ѕвезди, кои од организаторот на настаните поврзани со прославата на годишнината од независноста – „Авалон продукција“се именувани како „Македонија ол стар“.
Ова е втор настан во рамките на одбележувањето 35 години од независноста, по настапот на Дејвид Гета и Монолит шоу на 8 септември на Градскиот стадион во Скопје.
За настапот на светскиот тенор денеска на прес-конференција во Македонската филхармонија информираа Бобан Милошески, основач и сопственик на „Авалон продукција“, и владината портпаролка Марија Митева. На прес-конференција беа собрани и дел од македонските музички ѕвезди кои на 1 септември ќе настап на концертот со Хозе Карерас.
Милoшески во својот вовед рече дека за гостувањето на Керарас во Скопје се разговарало две години и првичната замисла била концертот да се организира како посебен настан, но потоа решиле тоа да биде во рамките на одбележувањето 35 години од независноста на државата.
„Едноставно, сакавме да споиме нешто што е светско, некое висококултурно ниво, заедно со нашето македонско, кое заедно со светското ќе покаже дека во ниту еден сегмент не е ниту помалку светско, ниту помалку квалитетно. За овој проект разговараме две години и сега е време да се реализира како втор сериозен проект од неколкуте колку што се во контекст на прославата на 35-годишнината од независноста на Македонија“,
рече Милошески.
Екипата на „Македонија ол стар“, како што рече, ќе ја сочинуваат Каролина Гочева, Влатко Стефановски, Калиопи, Наум Петрески, Сузана Спасовска и Игор и Ана Дурловски. Во неа биле планирани и било разговарано и со Владо Јовановски и Симон Трпчевски, но поради други обврски надвор од државата, тие не биле во можност да одговорат на поканата.
Концертот, како што информира сопственикот на „Авалон“, концептуално е замислено да почне со македонските музички ѕвезди, кои ќе изведат по неколку композиции. По нив на сцената ќе се појави Хозе Карерас, чиј настап е предвидено да трае околу еден час. Сите ќе бидат придружувани од оркестарот на Македонската филхармонија, а аранжманот на песните што ќе ги изведат македонските музички ѕвезди ќе го направи Николче Мицевски.
„Концептот на концертот е таков што прво ќе настапт македонските изведувачи со по неколку песни, па после тоа некаде околу еден час ќе биде настапот на Хозе Карерас. Се разбира дека ќе има изненадувања таа вечер, кои за да останат изненадувања нема да бидат соопштени сега во овој момент. Оваа екипа на ‘Македонија ол стар’ е лично мој избор. Во една гостиварска чајџилница прочитав нешто напишано на турски јазик и побарав да ми го преведат. Пишуваше: ако ви се допаѓа кафето кажете на сите, ако не ви се допаѓа, кажете ни само на нас“, па така и за ова, само јас носам одговорност дали уште некој требало да биде дел од екипата“,
рече сопственикот на „Авалон“.

Портпаролката на Владата, Марија Митева, изјави дека досега најавените настани покажуваат оти Владата подготвува достоинствено одбележување на 35 годишниот јубилеј од независноста на државата и дека сакаат граѓаните да уживаат заедно со музичките великани кои ќе настапат.
„По онаа најава за 8 септември (настапот на Дејвид Гета), еве денеска можеме да најавиме уште една интернационална музичка ѕвезда, но и еден македонски ‘ол стар’ којшто денеска е присутен и кој заедно со Хозе Карерас ќе имаат еден одличен концерт. Ценам дека со еден ваков начин на одбележување на независноста на Македонија како влада покажуваме дека навистина сакаме граѓаните да уживаат и достоинствено заедно со музичките великани да покажеме дека Македонија има капицитет и да организира настани за меѓународни ѕвезди заедно со нашите, јас би кажала, најголеми ѕвезди“,
рече Митева.
Одговарајќи на новинарско прашање за тоа колкава е финансиската конструкција за целата прослава и како е избран „Авалон“ за пратнер, Митева рече дека како влада немаат што да кријат во однос на организацијата и дека сè ќе објават откако ќе завшат со најавите на сите настани, што, како што беше најавено на претходната прес-конференција, ќе се одвива етапно.
„Ценам дека никој од нас не сака да фрли црна дамка на каков било начин во однос на организацијата на одбележувањето на 35 години незавиност, така што нашата транспаретност, како што било досега ќе биде и отсега, и верувајте дека како влада доследно ќе информираме за сите детали. Како што најави и организаторо на првата прес-конференција, постојат некои договорни клаузули за кои не сме во можност сега да зборуваме, но дајте ни време да ги објавиме сите настани и веднаш ќе ја информираме јавноста за сите детали“,
рече Митева.

Директорот на Македонската филхармонија, Мустафа Имери, говореше за значењето на Хозе Карерас како еден од најголемите тенори на сите времиња, притоа наведувајќи оти е особена чест и задоволство за институцијата што ја предводи да настапи на коцертот и да го отвори свеченото одбележување на 35 години од независноста на Македонија.
„На овој концерт со нас ќе настапат нашите музички ѕвезди и најголемиот тенор на сите времиња, неповторливиот Хозе Карерас заедно со маестро Давид Хименес. Карерас е еден од најзначајните оперски уметници во светската музичка историја, како дел од познатот трио тенори, покрај Пласидо Доминго и Лучијано Павароти, кои оставија неизбришлива трага на оперската сцена. Тој е познат по својот топол лирски глас и емотивна сценска изведба. Станува збор за уметник од светски калибар, тенор кој ќе остане запишан како еден најдобрите оперски пејачи на сите времиња и токму затоа со голема возбуда го очекувам концертот на 1 септември“,
изјави Имери.

