Информации за процедурата ќе бидат објавени утре од страна на Avalon International Booking, а секој корисник ќе може да подигне најмногу две влезници

Еден од најголемите светски музичари на денешницата, Давид Гета, ќе одржи голем концерт на националниот стадион „Тоше Проески“ во Скопје на 8 септември, по повод 35 години независност на државата.
Покрај настапот на Давид Гета, по повод 35-годишнината од независноста ќе има уште два големи концерта помеѓу 8 август и 8 септември, кои дополнително ќе бидат соопштени. Во истиот период ќе има дисперзирана музичка програма во 11 градови во државата, со вклученост на над 120 македонски уметници.
Од организаторот „Авалон продукција“ велат дека Гета во Скопје доаѓа со својата светска продукција „The Monolith Stadium Show“, која претходно ќе ја видат само најголемите европски метрополи како Париз, Амстердам и Милано.
Иако станува збор за продукција од светски ранг, спектаклот ќе биде од јавен карактер и бесплатен за посетителите, а единствено што ќе треба е да се направи задолжителна регистрација со симболична цена од 35 денари по лице.
Информации за процедурата ќе бидат објавени утре од страна на Avalon International Booking, а секој корисник ќе може да подигне најмногу две влезници.
Регистрацијата, како што вели организаторот, ќе биде отворена и за посетители од странство.
„Имаме независна држава и никогаш не сме го наполниле целосно стадионот, сите четири трибини. Сакаме да имаме нешто сериозно светско и да покажеме некоја моќ дека нè бидува за многу повеќе отколку што одредени структури во Европа имаат однос кон нас како држава“,
изјави Бобан Милошевски, сопственик на „Авалон“.
На новинарско прашање за цената на настапот на Гета во Скопје, одговори дека Гета е ѕвезда за кого влезниците на стадионските концерти од неговата турнеја се по цена од 75 до 250-300 евра и, рече, одговорно тврди дека од четири до седум пати е пониска цената за која ќе гостува кај нас.
„Не му се на Гета приоритетно парите за доаѓањето во Македонија, кои се пет-шест пати помали отколку во другите стадиони што ги работи. Едноставно, на човекот многу му се допадна идејата и беше импресиониран кога му кажав дека помеѓу три-четири имиња кои ми беа во игра, јас се одлучив на Владата да ѝ до предложам Давид Гета, затоа што мислам дека прославата за 35 години независност за држава како Македонија треба да биде спектакуларна“,
додаде тој.
Портпаролката на Владата, Марија Митева, на прес-конференцијата истакна дека јубилејот претставува историска точка што, рече, нè обврзува со достоинство, визија, но и одговорност да ја раскажеме приказната за државата низ културата, уметноста и современиот национален израз.
„Нашата цел е ова одбележување да има и државничка тежина, современ културен и продукциски пристап, но и меѓународна препознатливост. Да создадеме концепт кој ќе ја претстави Македонија како држава што знае достоинствено да го одбележи сопствениот пат, но и да ја покаже сопствената културна самодоверба пред домашна и меѓународна јавност“,
рече Митева.
Во наредниот период продукцијата ќе објавува информации за другите содржини од програмата, а целата манифестација ќе биде рекламирана и за сите настани ќе има посебна веб-страница.
