Во текот на еден ден цената на „брент“ падна за 11,3 отсто, односно на 85,87 долари за барел, додека американската сурова нафта поевтини за околу седум отсто и достигна цена од 82,61 долари за барел, што претставува еден од најголемите еднодневни падови во последните два месеци и изненади голем дел од пазарните учесници
Трговците со нафта и натаму се претпазливи поради заканите од напади врз саудиски танкери од страна на јеменските Хути, поддржани од Иран, во теснецот Баб ал-Мандеб, на влезот во Црвеното Море. Аналитичарите на Дојче банк оценија дека нападите на хутите ја зголемуваат можноста за истовремено нарушување на извозните маршрути и во Персискиот Залив и во Црвеното Море
Глобалните цени на нафтата нагло се намалија откако Соединетите Американски Држави (САД) и Иран привремено ги прекинаа воените активности, што значително ги ублажи стравувањата од нарушување на испораките преку Ормускиот Теснец – една од најважните светски поморски рути за транспорт на нафта, пренесува Си-ен-ен.

Во текот на еден ден, цената на „брент“ падна за 11,3 отсто, односно на 85,87 долари за барел, додека американската сурова нафта поевтини за околу седум отсто и достигна цена од 82,61 долари за барел.
Ова претставува еден од најголемите еднодневни падови во последните два месеци и изненади голем дел од пазарните учесници.
До падот на цените дојде откако американската амбасадорка во Обединетите нации соопшти дека САД втора ноќ по ред ги прекинале нападите врз Иран за да се отвори простор за преговори. Портпарол на иранската армија, пак, во неделата потврди дека Техеран, како реципрочен потег, привремено ги прекинал нападите во регионот.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД ги прекинале нападите врз Иран на барање на иранските власти, но предупреди дека воените операции би можеле да продолжат доколку не се постигне нов договор за прекин на огнот.
И покрај намалувањето на тензиите, бродскиот сообраќај низ Ормускиот Теснец останува значително под нивото од пред конфликтот. Според податоците на Си-ен-ен, до вчера низ него поминале помалку од десет товарни бродови, додека пред почетокот на нападите вообичаено дневно транзитирале околу 100 комерцијални пловни објекти.
Трговците со нафта и натаму се претпазливи поради заканите од напади врз саудиски танкери од страна на јеменските хути, поддржани од Иран, во теснецот Баб ал-Мандеб, на влезот во Црвеното Море.
Аналитичарите на Дојче банк оценија дека нападите на хутите ја зголемуваат можноста за истовремено нарушување на извозните маршрути и во Персискиот Залив и во Црвеното Море.
„Постои добредојдена пауза од главните актери, но таа е кревка, особено ако се има предвид дека паралелно продолжуваат други конфликти“,
наведуваат аналитичарите, пренесува Си-ен-ен.
Конфликтот меѓу САД и Иран и неговото влијание врз цените на нафтата ги зголемија трошоците за горивата во многу земји. Тоа често се прелева и врз цените на другите производи, особено храната бидејќи компаниите ги префрлаат повисоките трошоци за работење врз потрошувачите, што дополнително ја поттикнува инфлацијата.
Повисоката инфлација ја зголемува веројатноста централните банки да ги зголемат каматните стапки за да го ограничат растот на цените. Европската централна банка во јуни одлучи првпат по речиси три години да ја зголеми основната каматна стапка за еврозоната, при што оцени дека конфликтот создава дополнителни инфлаторни притисоци.
