Податоците денеска ги соопшти националната координаторка за трансплантација, проф. д-р Билјана Кузмановска, на панел-дискусија за органодарителство која се одржа во Велес. Со примената на новиот Закон за органодарителство, најавена за 1 октомври годинава, граѓаните ќе може кај својот матичен лекар да потпишат согласност за органодарителство
Дваесет и девет пациенти во Македонија чекаат трансплантација на срце, 12 на црн дроб, околу 160 на бубрег, а дваесетина на очна рожница. Податоците денеска ги соопшти националната координаторка за трансплантација, проф. д-р Билјана Кузмановска, на панел-дискусија за органодарителство која се одржа во Велес. Таа посочи дека листите на чекање постојано се менуваат бидејќи се вршат трансплантации, се регистрираат нови пациенти, а дел од оние што чекаат, за жал, не ја дочекуваат потребната трансплантација.
„Годинава веќе имавме оперирано 16 пациенти за очни рожници. За трансплантација на коски, коскени ткива и лигаменти нема листа на чекање, се трансплантираат ткива од Банката за коски и коскени лигаменти коишто се на Клиниката за ортопедија и траума“,
кажа Кузмановска.
Кузмановска појасни дека, постојат два вида на органодарителство, од жив дарител и кадаверично, односно дарување на органи после смртта.
„Кадаверично е можно исклучиво кај пациенти коишто се хоспитализирани во единица за интензивна нега коишто се на респираторен апарат и под лекови за одржување на циркулација, каде што е дијагнистицирана и утврдена мозочна смрт. Тоа е еден мал број на пациенти кои се потенцијални донатори. Не може човек којшто починал на улица, во домашни услови, ако не бил на респиратори на интензивна нега да биде органодарител. Органодарителството е доброволно, своеволно и апсолутно не смее да биде поинаку, “
додаде Кузмановска.

Претседателката на Здружението на приватни матични лекари, д-р Лилија Чолакова Дервишова, рече дека граѓаните ќе можат да ја дадат својата согласност кај матичниот лекар, кој е најдостапен за нив.
„Секој ќе има право да се изјасни кај својот матичен лекар ако нешто му се случи или ако почине неговите органи да се донираат и да спасат други пациенти коишто имаат проблеми. НИмаме млади пациенти на хемодијализа, како и лица кои живеат со вештачки срцеви пумпи и единствена шанса за нормален живот им е трансплантацијата“,
кажа Чолакова-Дервишова.
На панел-дискусијата се обрати и татко, кој донирал дел од својот црн дроб за својата ќерка.
„Моето дете имаше среќа и сега кога ја гледам расте тоа ми дава сила да забаравиме се што ни се случило и низ се што поминавме. Но, за жал многумина ја немаат таа среќа и чекаат на листата за донор, за да можат да продолжат да живеат. Верувајте дека кога дарувате орган вие давате и иднина на самото семејство“,
порача Илчо Гиовски.
Во обид да се зголеми бројот на донори и да се спасат повеќе животи, од 1 октомври годинава граѓаните ќе можат кај својот матичен лекар доброволно да потпишат согласност за органодарителство.
Подзаконските акти за спроведување на Законот за органодарителство веќе се ставени на јавна расправа на веб-страницата на Министерството за здравство, а по нивното усвојување на владина седница ќе почне и примената на законот.
