Со ваквите законски измени, како што посочуваат од Министерството за здравство, државата по првпат ќе има попрецизна слика за подготвеноста на граѓаните и за нивото на информираност и доверба кон органодарителството
Министерството за здравство информира дека Владата ги усвоила предложените измени на Законот за земање и пресадување делови од човечко тело заради лекување, со кои се предвидува можноста секој полнолетен граѓанин да даде изјава кај својот матичен лекар и да се определи за потенцијален дарител на органи по својата смрт.

„Со предложените измени, секој полнолетен граѓанин, при посета на својот матичен лекар, ќе даде изјава дали се согласува или не се согласува по својата смрт да биде дарител на органи и ткива заради лекување, а таа изјава ќе се евидентира во листата во националниот систем за електронски евиденции во здравството – ‘Мој термин’. Законот предвидува и можност граѓанинот во секое време да ја промени својата одлука“,
велат од Министерството за здравство.
Со ваквите законски измени, како што посочуваат оттаму, државата по првпат ќе има попрецизна слика за подготвеноста на граѓаните и за нивото на информираност и доверба кон органодарителството, а дополнително се прави важен чекор кон систем во кој волјата на граѓанинот ќе биде јасно изразена, заштитена и почитувана.
„Со предложените измени се проширува и кругот на живи дарители. Покрај досегашните сродници ќе бидат опфатени и други сродници во странична линија до четврти степен, односно и првите братучеди, при што се задржува заштитниот механизам преку етичката комисија, која ќе ја проверува доброволноста на чинот. Се предвидуваат и други решенија за олеснување на постапките, вклучително и поедноставување на административно-техничките чекори во делот на утврдување и потврдување на мозочната смрт“,
додаваат од Здравство.
