Камчев оцени дека повисоката вредност најверојатно е поврзана со зголеменото пумпање на водата од бушотините, при што може да дојде до ослободување на таложени елементи и додаде дека тоа сепак е негова претпоставка и дека конечните оцени треба да ги даде стручната јавност
Најави дека и во наредниот период ќе се спроведуваат дополнителни вонредни анализи за следење на квалитетот на водата. Воедно, тој обвини дека во претходните години не биле редовно спроведувани законски пропишаните анализи
Водата од градскиот водовод во Валандово од денеска повторно е безбедна за пиење и е во целосна употреба откако Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ја укина забраната за нејзино користење, соопшти на денешната прес-конференција градоначалникот Ѓоко Камчев.

Забраната беше воведена во средата, кога ЈП „Комунален сервис“ информираше дека анализите на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) покажале зголемена концентрација на арсен во водата.
Камчев вчера презентираше резултати од вонредна анализа, исто така изработена од Институтот, според која концентрацијата на арсен изнесува 1,47 микрограми на литар, што е во рамки на дозволените вредности.
Градоначалникот истакна дека квалитетот на водата во Валандово, како и во населените места Чалакли, Дедели и Раброво, не е променет со години и дека бунарскиот систем што го снабдува градот функционира уште од 1989 година.
„Валандово како град и населените места Чалакли, Дедели и Раброво изминатиот период беа засегнати од квалитетот и безбедноста на водата за пиење. Бевме сведоци на ситуација во која многумина наседнаа на одредени приказни водени паралелно со ситуацијата во Гостивар. Можам слободно да кажам и поради тоа што бев директор на јавното комунално претпријатие пред 15 и повеќе години, дека квалитетот на водата во Валандово од она што го гледам во анализите не е променет од тогаш до денес. Бунарскиот систем којшто го користи Валандово постои од 1989 година“,
вели Камчев.
Презентира документација од Институтот за јавно здравје, според која годинава се извршени двете задолжителни периодични анализи на водата, кои според правилникот на АХВ треба да се спроведуваат двапати годишно и опфаќаат испитување на тешки метали.

Појасни дека покрај овие анализи, редовно се земаат примероци за контрола на водата еднаш или двапати неделно, во зависност од потребите, но тие не се дел од законски пропишаните периодични испитувања.
„За да нема забуна во јавноста, редовните примероци се земаат и испитуваат еднаш или двапати во неделата во зависност од ситуацијата и немаат врска со овие периодични анализи кои се задолжителни за комуналното претпријатие двапати годишно. На 26.01.2026 година е направена првата ваква анализа, од кога сум јас градоначалник на Валандово, а на 02.07.2026 година е направена втората“,
кажа тој.
Според него, поради резултатот од втората периодична анализа, во која биле измерени 14 микрограми арсен на литар, на 20 јули била побарана вонредна анализа, која три дена подоцна покажала концентрација од 1,47 микрограми на литар.
„Не можам да дадам целосни одговори, но сметам дека во периодот кога се започнува со поголемо пумпање на водата од бушотините, веројатно тогаш одредени таложени елементи кои се сепак присутни во трагови ја даваат повисоката вредност“,
посочи градоначалникот и додаде дека ја повикува јавноста да ги следи препораките и анализите од стручната јавност, а не од коментари по социјалните мрежи.
Најави дека и во наредниот период ќе се спроведуваат дополнителни вонредни анализи за следење на квалитетот на водата. Воедно, Камчев обвини дека во претходните години не биле редовно спроведувани законски пропишаните анализи.
Според него, во периодот од 2018 до 2021 година воопшто не биле правени периодични анализи, а во 2022, 2023, 2024 и 2025 година биле извршени помалку од предвидените две анализи годишно. Од 2018 до 2021 година, пак, воопшто не биле правени вакви анализи.
„Но, што се случувало во изминатите осум години? Во 2025 година, е направена вонредна анализа на манган во водата, која никаде ја нема во архивите на комуналното претпријатие. Исто така, иако имале обврска во 2024 да направат две анализи, согласно спомнатиот правилник, направена е само една периодична анализа, каде концентрација на арсен е 1,282, значи блиску до сегашната вредност. Во 2025 немаме две законски периодични анализи, во 2023 е направена само една, со вредност на арсен 1,84, во 2022 има само една периодична анализа, но нема испитувани хемиски елементи, односно арсен“,
рече градоначалникот.
Ги повика надлежните институции да извршат контрола во ЈП „Комунален сервис“ и да ја утврдат состојбата со спроведувањето на анализите и работата на претпријатието во изминатите години.
„Ќе поставам прашање до СДСМ антитоксична да ни дадат одговор на овие прашања, бидејќи од осум години колку што имаат раководено со комуналното претпријатие тие од потребните 16 периодични широки анализи на водата имаат направено само две. Да им одговорат на граѓаните дали во тој период навистина имаат направено анализи или немаат заведено во архивата затоа што не им одговарало или не си ја извршиле својата должност сите директори кои во тој период беа на функција во ова претпријатие“,
посочи Камчев.
По Гостивар, и во Валандово водата не е безбедна за пиење – кој град е следен, прашуваат од СДСМ
Зголемено ниво на арсен во водата во Валандово
Пред два дена од валандовското јавно претпријатие „Комунален сервис“, соопштија дека водата од градскиот водовод во Валандово содржи зголемено ниво на арсен.
Оттаму велат дека граѓаните не смеат да ја пијат, туку таа може да се користи само како техничка вода.
